Владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата тоа веќе го договорила, за што сигнали пристигнаа  од Брисел, од Берлин и од Париз. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат, изјави денеска членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски дека се во тек средби за започнување на прегововри со ЕУ за кои не соопшти детали.

Жерновски вели дека Владата се обидува да направи стратегија како прифаќањето да го прикаже како победа, иако во јавноста го прикажува за лага и велепредавство.

„Сите заедно, и како политичари, и како новинари, и како граѓани, се зачудивме за наглиот пресврт во политиката и дипломатијата на Тимчо Муцунски. Сè започна со тоа кога самиот призна дека ние не сме северномакедонци и дека не зборуваме северномакедонски јазик, како што тврдеа кога беа во опозиција, туку дека сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик. За да се подготви теренот уште подлабоко, дојдоа неговите уверувања дека протоколот не е дел од преговарачката рамка. Нешто што беше основа, клуч за напад врз тогашната власт од денешната опозиција, врз СДСМ и врз основа на што ги добија изборите. Претходно претседателката на државата веќе призна дека јазикот, културата и националниот идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, рече Жерновски.

Посочи дека во следниот период на граѓаните коишто ја дадоа поддршката на владеачката партија ќе им стане јасно дека врз основа на лаги дојде на власт, како и дека  СДСМ ја зборува вистината.

За Министерството за надворешн работи ставовите на Жерновски и СДСМ се обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста со пласирање невистини и конструкции. Во реакцијата МНР вели дека институциите редовно комуницираат со членките на ЕУ, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери, но и дека овие разговори се водат транспарентно.

„Позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена, нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, стои во реакцијата на МНР.