fbpx

Жените-затворенички ќе ги добијат истите права како мажите во „Идризово“

Заменичката на министерот за правда Аврамовска Мадиќ рече дека во изминатиов период заедно со министерот за правда го разгледувале претходниот правилник за регулирање во КПУ „Идризово“ со кој била направена неправда кон осудените лица од женски пол

-

Министерството за правда информираше дека се подготвени измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи. Со измените е предвидено доколку осудено лице од женски пол, кое е осудено на казна затвор до три години или издржало казна затвор од три години, да може да ги користи погодностите во согласност со правилникот и куќниот ред од затворот „Идризово“.

Заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ на прес-конференција рече дека во изминатиов период заедно со министерот за правда Кренар Лога го разгледувале претходниот правилник за регулирање во КПУ „Идризово“, со кој била направена неправда кон осудените лица од женски пол.

„По мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде што ни се укажа дека се прави индиректна дискриминација на осудените лица од женски пол во женското одделение, наспроти осудените од машки пол – со министерот најдовме решение. Во најбрз можен рок, откако текстот ќе биде подготвен од Секретаријатот за законодавство, правилникот ќе биде потпишан и во согласност со него осудените лица од женски пол ќе може да ги користат погодностите кои се за осудените лица машки пол“, рече Аврамовска Мадиќ.

Комисијата за заштита од дискриминација во март годинава констатираше дека поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“, каде што издржува затворска казна од четири години. Конкретно, на Јанкулоска ѝ било оневозможено користење на посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање. Комисијата во образложението констатираше дека станува збор за погодност, која може да се користи ако осуденото лице одлежало третина од казната или пак има примерно поведение.

Од комисијата изразија загриженост дека Правилникот, иако претставува неутрален пропис, воопшто не се применува на жените кои издржуваат казна затвор, од причина што во земјата не постојат установи од полуотворен и отворен вид наменети за жени осуденички каде тие би можеле да бидат упатени на издржување на казната затвор, или во кои подоцна би можеле да прогресираат, како што постојат за мажите.

Комисијата напомена дека кога станува збор за прогресирање во друга, полиберална установа, истото е оневозможено за жените, од причина што друга установа за издржување казна затвор за жени во државата не постои.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...