fbpx

Жените, со чесни исклучоци, неми и тивки за улогата што им ја додели Груевски

-

Ниту една организација за жени не реагираше на говорите на Никола Груевски и на Даниела Рангелова, претседателката на унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на годишната конференција.

Настанот беше организиран, пред сè, за унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на која жените не само што беа последни во поздравниот говор на нивната претседателка, туку за нив и за тоа што го постигнале не се зборуваше речиси воопшто. Говорите на Груевски и на Рангелова се однесуваа на тоа како народот на 24 април ќе удира клоци, како опозцијата е лоша и слично. Од час и половина, едвај неколку минути се зборуваше за жените. На собирот Рангелова повеќе зборуваше за предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ и за опозицискиот СДСМ, отколку за правата на жените и што е тоа што тие, како унија на жени, го имаат направено.

Во Македонија, во „Златна книга“ има пријавено 35 адреси на женски невладини организации, а во Македонското женско лоби членки се 15 невладини женски организации и ниту една од овие организации не реагираше.

Единствените реакции што можеше да се видат беа на „Фејсбук“, на профилиот на професорката Гордана Попсимонова, која напиша: „Ако судам според последната конференција на Унијата на жени на владејачката партија, нашата женска реалност е прилично поразителна. Видов стотици припаднички на понежниот пол, кои доброволно прифатиле да му бидат филадендрони и фикуси на Груевски. И да климаат со главите и да скандираат и френетично да ракоплескаат на неговите хистерични изливи на гнев, лутина и на закани. Кој тоа ми велеше дека ние, жените, сме полуцидни и поинтуитивни во препознавањето на чувствата кај другите? И похрабри во истапувањето? Пред нивни очи Груевски ѝ се закани на една жена – на Катица Јанева! На специјалната обвинителка која треба да го расчистува неговиот криминал, тој вети дека ќе ја крене на клоци. А тие му аплаудираа“.

Професорката Мирјана Најчевска напиша „Сигурна сум дека има некое многу добро објаснување зошто во овој говор, кој е одржан пред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, не се зборува за жените, за родовата дискриминација, за разликите во платите меѓу мажите и жените, за отсуството на жените од раководни позиции во државата, за сиромаштијата на жените, за абортусот, за семејното насилство и, секако, за оние 280.000 жени кои во статистиката се појавуваат како оригинална македонска категорија на „домаќинки“.

Реакција имаше и актерката Ирена Ристиќ, која ги праша членките на унијата: „Еј, а ги слушавте бомбите? Гарант! Ај, да не се лажеме! Љубопитни сте, пошо нели, жени ко жени, све да знаат. Може не сите сте ги чуле сите, али барем еден дел од вас сте си го пружиле тоа задоволство… И, како? Па, убаво! Нормално, пошо нели, вистина (секако – лепена, креирана, монтирана, али ипак вистина), па и да подболуе не е страшно, нели? Се зезам. Гадно ви беше, знам“.

Од политичките партии на говорот не рагираше никој освен општинската организација на СДСМ од Охрид и Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП).

Молчеше и Лилјана Поповска, која долги години се бори за правата на жените во Собранието, а реакција немаше од форумот на жени на СДСМ ниту, пак, од Комисијата за еднакви можности на мажите и на жените во Собранието.

Претседателка и потпретседателка во оваа комисија се пратенички од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и Лилјана Кузмановска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...