fbpx

Жените сè уште се помалку платени од мажите, механизмите за заштита се неефикасни

-

Свежи официјални статистички податоци во однос на родовиот јаз во заработувачката на мажите и жените во земјава нема. Според една анализа објавена во јули 2020, која користи податоци од Евростат од 2018 година, жените во Македонија во просек заработуваат 15 отсто помалку од мажите.

Оваа анализа е насловена „Повеќе работа за помалку пари: Како да се намали родовиот јаз во платите во Република Северна Македонија,“ а издадена е од страна на: Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ МАРГИНИ Скопје, Мрежа за заштита од дискриминација.

Факт е дека проблемот со јазот во платите постои на светско ниво, иако се чини дека во 21 век нема разлика во платите помеѓу мажите и жените кои работат иста или слична работа, посебно што жените воопшто не заостануваат во степенот на образование од мажите, туку напротив, постигнат е огромен напредок.

„Стаклен таван“ или невидливата пречка за успехот на жените

Претседателката на Здружението на бизнис жени Валентина Дисоска за „Мета.мк“ смета дека до сега многу се работело на освестување на жените за да ги бараат сопствените права, но тука секогаш има две сили кои влечат на различни страни, од една страна се работодавачите а од друга страна се работничките.

„Сметам дека треба да се работи со двете страни за да добиеме резултати, во спротивно добиваме од една страна охрабрени работнички, а од друга страна неспремни работодавачи, како и несоодветно третирање во институциите и тука често се јавува конфликтна ситуација. Затоа, промена на работата и проширување на фокусот е неопходен за да се направат вистински промени,“ вели Дисоска.

Таа додава дека од последното истражување кое го правеле со Бизнис конфедерација во 2016 година, излегле податоците дека жените на највисоки позиции во топ 100 компаниите кои котираат на берза се само 2 проценти. Но, сепак, додава нашата соговорничка, недостатокот од статистички податоци ја прави оваа тема непозната па и табу, затоа што нема со што да се располага кога се креираат политики.

„Општ впечаток е дека жените често се соочуваат со таканаречен „стаклен таван“, тоа е таа невидлива пречка за жените да се искачуваат на скалилата на успехот во компаниите, и тоа често го среќаваме при нивно позиционирање,“ вели Дисоска.

Таа додава дека жените стигнуваат до одредена висока позиција, најчесто извршна, бидејки се познати по добро одработување на своите задачи, но, многу малку го пробиваат „стаклениот таван“ за да стигнат до одлучувачка позиција или на највисоко менаџерско ниво.

„За ваквата поставеност на жените во компаниите има многу фактори кои влијаат. Пред сè, да не го заборавиме менталитетот кој што кај нас сè уште игра голема улога во донесувањето одлуки. Овде попрецизно се мисли на позиционирањето на жената општо во општеството како добар работник и извршител, но не препознаена како добар менаџер и управител, потоа начинот на водење бизнис, кој многу често излегува од границите на работното време, водење бизнис надвор од канцеларија, и многу други фактори доведуваат до поставениот ‘стаклен таван’“, објаснува Дисоска.

Законот штити, но инфомираноста е на ниско ниво

Законот за заштита и спречување од дискриминација ги регулира еднаквите можности помеѓу мажите и жените, но постојат и можности за настанување на родовиот јаз.

„Трудовото законодавство делумно гарантира еднаква плата за наква работа и еднаква плата за работа со еднаква вредност, меѓутоа недореченоста на законските и на подзаконските прописи не дава јасна насока за утврдување на постоење и заштита на овие два института“, вели Дисоска.

Според неа, тоа ја нагласува потребата од целосна примена на европското трудово законодавство, пред сè Директивата 2006/54/Е3 (Преработена) во ЗРО, како и третирање на работничките права во рамките на пристапот на човековите права и Повелбата за човекови права на ЕУ.

„Фактот дека нема информации за ниту една поведена постапка во државата за заштита на правото на еднакво плаќање за еднаква работа и еднакво плаќање за работа со еднаква вредност во последните три години, говори за два клучни аспекта: Прво, дека механизмите за заштита се неефикасни во постапувањето во судските и во управните механизми на заштита. Второ, говори за недостапноста и за недовербата во институциите, за недоволна информираност и за можната стигма и страв од реперкусиите по работното место кај жените-работнички,“ вели Дисоска.

Според главниот економист и извршен директор на „Фајнанс тинк“, Благица Петрески за да се намали родовиот јаз во плати, потребно е да се зголеми свесноста на жените за поголемо учество на пазарот на труд.

„Зголемувањето на свеста е долгорочен процес и бара, покрај самомотивација за реализација на професионалниот живот, и семејна односно поддршка од партнерот. Најпрво поддршка во барањето на работа, а потоа и поддршка во поделбата на семејните обврски. Втор значаен момент е да се надминат стереотипите во поделбата на машки и женски професии, а жените да ја зголемат интенцијата во барање на работа во т.н машки професии,“ вели Петрески.

Таа истакнува дека родовиот јаз во платите низ годините е намален, а тоа делумно се должи и на мерките за зголемување на минималната плата.

„Многу од женската популација се вработени на нископлатени работни места, како што се текстилната и кожарската индустрија. Со зголемувањето на минималната плата, порастот кај најниските плати беше најголем, и дојде до поголемо израмнување,“ додава Петрески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...