Жените од Полошкиот регион, единствени во земјава без прифатилиште за жртви на насилство

Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Жените – жртви на семејно и родово базирано насилство во Полошкиот регион немаат прифатилиште за засолнување. Ова е единствениот од осумте плански региони во Северна Македонија каде што такво засолниште нема. Недостигаат и други специјализирани служби. Институциите, и централните и локалните, досега не направиле доволно на овој план. Експертите од оваа област предупредуваат дека прифатилиште треба да се отвори што е можно поскоро, бидејќи потребата е итна, пишува Порталб.мк.

Институциите во земјата не прават доволно за да ги заштитат жените жртви на насилство од полошкиот регион, било да е тоа семејно или родово базирано. Досегашната статистика укажува на голем број случаи на насилство.

Иако земјата е потписник на Истанбулска конвенција, со занемарувањето на Полог, не ги почитува обврските кои произлегуваат од оваа конвенција, како и националните закони според кои државата е обврзана да обезбеди засолниште за жените жртви на семејно насилство, било врз основа на Законот за спречување насилство врз жените и Семејното насилство (2021) или пак Законот за социјална заштита. Полошкиот регион е конкретен пример каде може да се види дека одредбите од горенаведените точки не се спроведуваат во пракса.

Ана Аврамовска, правен советник во Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, вели дека потребата од зголемување на специјализирани услуги за жените жртви на насилство и семејно насилство е многу важна.

„Нашата земја ја потпиша Истанбулската конвенција, која треба да обезбеди пристап до специјализирани услуги за жените жртви на насилство. Нашите главни заклучоци се дека насилството врз жените и во семејството во моментов не е приоритет на општините од Полог. Во Полошкиот регион нема засолниште, нема кризен центар за интервенција, нема национална СОС линија на сите јазици која би била достапна 24 часа“, нагласува Аврамовска.

Полошкиот регион опфаќа девет општини и има околу 300.000 жители. Според една анализа направена од советувалиштето „Кортекс“, според минималните стандарди, за 50.000 жители треба да има центар за советување за жени – жртви на семејно насилство, за 100.000 жители да има шелтер центар, а за 150.000 жители треба да има еден центар за интервенција за време на кризи.

Регионот има само два меѓуопштински центри за социјална работа во Тетово и Гостивар.

До неодамна, регионот немаше ниту советувалиште за жени и девојки жртви на семејно и родово насилство.

Во отсуство на засолниште, во Полошкиот регион сега има само две советувалишта за жени жртви на родово и семејно насилство, но тие не се доволни.

Едно од советувалиштата се управува и финансира од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) кое не ги исполнува минималните стандарди поставени од Европскиот Совет. Додека другото советувалиште е „Кортекс“, кое е отворено во декември минатата година и е финансирано со поддршка од Амбасадата на Норвешка и други донатори.

Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

„Кортекс“ неодамна направи анализа на фактичката состојба на теренот во Полог со семејното насилство и насилството врз жените, при што дел од резултатите се следниве:

• Во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Тетово во 2020 и 2021 година се регистрирани 105 случаи на семејно насилство на кои се евидентирани 80 жртви жени (76,19%) и 85 сторители од машки пол (80,95%). Во повеќе од 90% од пријавените случаи на семејно насилство, насилството се случува помеѓу сопружници или вонбрачни партнери.
• Во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гостивар во 2020 и 2021 година се евидентирани вкупно 58 случаи на семејно насилство, од кои повеќе од 90 отсто жртви се жени.
• Во 2020 година во СПБ Тетово се регистрирани 96 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои 74 дела се во општина Тетово и 22 во општина Гостивар. Пријавени се 91 машки сторители (што претставува 85,84% од вкупниот број на сторители) и 80 женски жртви (што претставуваат 76,29% од вкупниот број на овие кривични дела).

Порталб.мк го посети советувалиштето „Кортекс“ за да дознае повеќе за овој проблем.

Небахате Имери-Зибери. Фото: Фисник Џелили/Порталб

Повикувајќи се на споменатите податоци од Секторот за внатрешни работи Тетово, непосредната потреба од создавање засолниште во овој регион врз основа на овие податоци ја истакнува и психотерапевтот од „Кортекс“, Небахате Имери-Зибери.

„Потребата е неспорна бидејќи Полог е единствениот регион во кој недостасуваат многу специјализирани услуги, особено засолништето, што е неизбежна потреба на времето. Бидејќи само во нашето советувалиште имаме голем број жени и деца кои добиваат специјализирани услуги и за жал потребата да ги засолниме во случај на загрозување на нивните животи од насилникот, мораме да ги пренесеме во некој град од Источна Македонија, во Скопје или кое било друго место каде што има слободен простор“, рече Зибери-Имери.

Во отсуство на засолниште во регионот, жените -жртви мора да бидат префрлени во други градови. Тоа значи дека тие мора да ја променат животната средина, што е проследено со други негативни ефекти. А пак и засолништата во другите региони имаат мали капацитети.

Доколку Полошкиот регион и надлежните институции, особено градоначалниците на општините од целиот Полошки регион, според психотерапевтот Зибери-Имери, би пројавиле барем малку интерес за оваа појава, Полошкиот регион немаше да остане во лоша состојба.

„Жените жртви на семејно насилство ја немаат потребната институционална поддршка“, нагласува таа.

Случаите на насилство кои се третираат во советувалиштето се разновидни.

Најчесто пријавувањето се случува кога физичкото здравје на жените е загрозено при физичко насилство, многу ретко тие успеваат да пријават психичко насилство, можеби понекогаш не го ни откриваат, но го доживуваат.

Жените кои ги користат услугите доживеале различни видови насилство, почнувајќи од сексуална злоупотреба, сексуално вознемирување, физичко насилство, психичко насилство, економско насилство, односно има најразновидни случаи. Имаме и комплицирани случаи.

Советувалиштето „Кортекс“ како проект е финансиран од надворешни донатори и затоа нејзиното работење е загрозено.

„Знаеме дека се работи само за проект, знаеме дека за жал и времетраењето ќе биде со одреден рок, доколку по јануари 2023 година не најдеме донатори кои ќе покажат интерес за продолжување на одржливоста на центарот. Жените кои добиваат специјализирани услуги нема да можат да продолжат да ги добиваат бидејќи надлежните институции, како општините од полошкиот регион, не покажале интерес да издвојат буџет за оваа категорија во нивните социјални планови, ниту пак ги истакнуваат како посебна категорија освен општина Гостивар и Тетово, другите немаат ниту социјален план“, потенцира Зибери-Имери.

Владата на РСМ го има усвоено Националниот акционен план за спроведување на Истанбулската конвенција за периодот 2018-2023 година. Според динамиката на работата, до 2021 година во седумте региони на државата се создадени 13 прифатилишта за згрижување на жени – жртви на семејно насилство и родово базирано насилство. Единствениот регион кој сè уште е без засолништа е Полошкиот.

Од надлежното Министерство за труд и социјална политика (МТСП) истакнуваат дека прифатилиште и во полошкиот регион ќе се создаде до крајот на 2023 година.

„Согласно имплементацијата на Акцискиот план, осмиот плански регион е опфатен во периодот 2022-2023 година, со кој Министерството за труд и социјална политика ќе создаде специјализирани услуги за жените жртви на насилство и семејно насилство во последниот плански регион во земјата“, рекоа од МТСП.

За заштита од родовото и семејното насилство, општините имаат и обврски според новиот Закон за спречување и заштита на жените од семејно насилство усвоен минатата година.

Во членот 21 од Законот се предвидени овластувањата што ги имаат единиците на локалната самоуправа во оваа насока. Меѓу кои, општините треба да изготват локални програми и политики за заштита на жените жртви на родово базирано насилство, да спроведат превентивни мерки, да создадат засолништа и други.

Психотерапевтот Зибери-Имери по којзнае кој пат апелира до надлежните и општините сериозно да се позанимаваат со овој проблем кој постои и е многу изразен.

„Потребата да се одвои финансиски буџет за одржливоста на советувалиштето да биде долгорочна со цел овие жени да можат да ги користат бесплатните услуги. Дефинитивно мора да одвојат буџет, бидејќи со промената на новиот закон е предвидено и општините да одвојат буџет за оваа чувствителна социјална категорија. Затоа ги молам сите, ако случајно слушнат, сите градоначалници на општините на Полог, дека ова е најсоодветниот момент да се освестат и сензибилизираат затоа што оваа појава не е само во нашата имагинација, овие жени постојат, овие жените доаѓаат овде и добиваат услуги и овие жени имаат право како и сите жени да го живеат својот живот среќно и без насилство. Ги молам надлежните да преземат мерки за да имаме специјализирани служби во полошкиот регион, како што имаат сите други региони во Северна Македонија“, апелираше Зибери-Имери.

Сепак, општините се минимално ангажирани на овој план. Иако во Полог постои Совет за развој на Полошкиот плански регион каде градоначалниците се среќаваат и разговараат на различни теми, ова досега не била тема на разговор.

Инаку во Годишниот извештај на „Амнести интернешенел“ во делот за насилство врз жени и девојки се наведува дека мизогинијата и говорот на омраза во РСМ се зголемени.