Годинешните кумови на празникот Водици, Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милевски, ќе го примат кумството на 17 јануари напладне, во црквата „Свети Никола – Геракомија“ во Охрид, најави Митко Пендов од Здружението за поддршка и за афирмација на МПЦ „Богојавление“.

Пендов додава дека завршните подготовки течат навремено за, како што рече, Охрид и старата богојавленска традиција да бидат претставени во најдобро светло.

– Ќе бидеме добри домаќини, ќе ги презентираме Охрид и старата традиција во најдобро светло. Минатата година 1.150 капачи скокаа во осветените води на Охридско Езеро, од кои стотина беа од другите градови или од други земји. Сметам дека годинава ќе имаме повеќе од 150 капачи од странство – вели Пендов.

Маиците за верниците што ќе влезат во осветените води на Охридско Езеро кај градското пристаниште, годинава ги обезбеди компанијата „Зегин“.

– Новина е што годинава, маиците на скокачите ќе им се делат во три цркви, така што тие ќе си ги земат утрото пред фрлањето на светиот крст во црквата која е наблиску до нивното место на живеење, „Свети Никола – Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско и „Свети Великомаченик Георгиј“ – додава Пендов.

За безбедноста на капачите, но и за посетителите, ќе се грижат медицински екипи, охридските нуркачи, како и Црвениот крст.