Железото од велешка Топилница нема опасни материи, може да се сече и продава на отпад

Фото: „Кепс Монт Груп“

Компанијата „Метрудхем“, која е сопственик на велешката Топилница, ќе може да продолжи да сече отпадни метални делови од некогашниот индустриски капацитет и да ги продава како старо железо. Во Елаборатот за заштита на животната средина, што компанијата во септември го доставила до Министерството за животна средина и просторно планирање, е констатирано дека, врз основа на анализата на хемиските катактеристики на материјалите, во нив нема детектирано опасни материи.

Како што информираат од Министерството, Елаборатот се однесува на еден дел од старата топилница со површина од околу 1.000 метри квадратни, каде има остатоци од метален отпад од некогашното работење на топилницата. Инвеститорот ќе врши механички и физички третман на повеќе видови на отпад со сечење со пнеуматски ножици и друга опрема. Анализите во документот не ги опфаќаат и зградите, кои исто така се сопственост на „Метрудхем“.

„До Управата за животна средина на Министерството за животна средина од компанијата Метрудхем“ на 10 септември беше доставен Елаборатот за заштита на животната средина „Сечење и отстранување на постоечки метални делови и опрема од топилница за олово и цинк“ во општина Велес. Согласно Елаборатот за заштита на животната средина предмет на анализа е механички и физички третман на отпадно железо (стари делови, опрема и расфлано железо) лоцирани на дел од двориштето на старата топилницата за олово и цинк. Станува збор за расфрлано железо на дел од локација, а не за објекти“, информираат од Министерството.

„Метрудхем“ доби обврска да направи Елаборат, откако во мај годинава при сечење метал од постројка за филтрирање имаше експлозија и изби пожар во кругот на објектот. Од Државниот инспекторат за животна средина тогаш информираа дека во кругот на фабриката затекнале вработени од фирмата „ЗД Отпад Охрид“ како сечат старо железо.

Целта на извештајот кој го побарале инспекторите беше да се утврди колкави количини се наменети за обработка и продажба на отпад, како и дали содржат отпадни или запаливи хемикалии, кои би можеле да претставуваат опасност при понатамошна обработка за здравјето на луѓето или пак за околината.

Локалните еколошки организации по експлозијата и пожарот во капацитетот апелираа сите активности во Топилницата да се прават со знаење на јавноста за да не се создава паника во градот. Активистите предупредуваа дека голема количина сулфурна киселина е сè уште е  складирана во депо, кое стои во напуштената зграда на некогашната Топилница и дека опасност за здравјето на велешани не е само црниот рид со згура, туку и објектите.

Земјиштето каде што се лоцирани објектите на велешката топилница е државно, а по измената на Генералниот план тука е предвиден зелен појас на заштитно зеленило и ремедијација на почвата, што до денеска не е направено.