Железници на РСМ – Транспорт во моментов преговара со кинеската компанија ЦРРЦ за исполнување на обврските од склучениот договор за набавените шест кинески возови, со што би се надминале техничките недостатоци на гарнитурите и би се извршил технички прием на патничките гарнитури.

– Доколку овие преговори не бидат успешни, како правна можност е започнување на арбитражна постапка пред Арбитражниот суд во Скопје – велат за „Мета.мк“ од Железници на РСМ – Транспорт.

Кинеските возови во изминативе години редовно сообраќаат по македонските пруги, но од Железници на РСМ – Транспорт велат дека техничките недостатоци на гарнитурите не го загрозуваат нивното учество во сообраќајот и тие се безбедни за патниците.

Една локомотива од овие кинески возови веќе подолго време е расипана и стои гаражирана во депото „Лисиче“, а поради неа повеќе од една година не сообраќа експресниот воз Скопје – Битола – Скопје. Останатите кинески возови редовно сообраќаат на линиите кон Битола, Гевгелија, Табановце, Кичево и Кочани.

Од Железници на РСМ – Транспорт информираат и за четирите нови електрични локомотиви што се набавени од Кина. Првата локомотива пристигна во мај, додека останатите треба допрва да пристигнат во земјава. Новата електрична локомотива не е пуштена во сообраќај, бидејќи досега не е пристигната комплетната техничка документација за неа.

– За да се добие дозвола за пуштање во сообраќај локомотивата треба да поседува Европски Сертификат за импероперабилност (ТСИ Сертификат) и да биде извршен технички прием на истата – посочуваат од Железници на РСМ – Транспорт.

Владата на седница одржана на крајот од јули ја задолжи Железници на РСМ – Транспорт да направи ревизија на склучените договори за набавка на новите кинески патнички гарнитури и електрични локомотиви, со кои ќе се испита можноста за покренување на арбитражни постапки поради техничките недостатоци на доставените патнички гарнитури, но и поради фактот што се доцни со испораката на електричните локомотиви.