Фото: Бојан Блажевски

И покрај ветувањата за нивна ревитализација од пред неколку години, железничките станици и стојалишта во Скопскиот регион се посебна хорор приказна за граѓаните кои патуваат со воз. „Мета.мк“ направи обиколка на дел од локациите на кои патниците треба да се симнат или качат на воз во главниот град и откри дека станиците и стојалиштата се наоѓаат во катастрофална состојба.

До некои од локациите со тешкотија пристапивме бидејќи на Гугл Мапс не може да се пронајде железничките стојалишта и станици. Ниту граѓаните кои ги сретнавме на терен не можеа да ни кажат во кој правец да се движиме за да стигнеме до овие локации. Од сите железнички станици и стојалишта кои ги посетивме во Скопскиот регион, единствено во населбата Ѓорче Петров наидовме на табла која што покажува во кој правец треба да се движат патниците за да стигнат до објектот.

И покрај тоа што железничката станица во Ѓорче Петров има информативна табла која покажува локација на движење, пристапот до објектот е неасфалтиран. Пронајдовме и пешачка патека која што води до објектот, но и таа не е асфалтирана. На станицата нема место каде може да се остави велосипед, а самата станица е сместена во привремен објект – барака. Паркинг за велосипеди не пронајдовме. Автобуска линија од јавниот превоз не застанува во близина, па така патниците кои патуваат со воз мора да пешачат за да стигнат до најблиската автобуска постојка за линијата 22.

Железничката станица Скопје Север нема никаква информативна табла за пристапот до неа од околните улици во населбата. Објектот не е впишан ниту на Гугл Мапс, а пристапот до станицата е по пешачки патеки кои се затрупани во ѓубре. Околу самиот објект има депонија, а единствената позитивна работа е што од оваа локација поаѓаат автобуски линии што можат да им служат за прекачување на граѓаните. И покрај ова, железничката станица Скопје Север нема паркинг за велосипеди. Пероните за качување и симнување на патници се обраснати со трева, подземните пешачки приоди од страничниот објект до пероните се нефункционални, а осветлувањето и сијалиците се испокршени.

Нашето патешествие го продолживме кон железничкото стојалиште во населбата Железара. Жителите коишто ги праша „Мета.мк“ за локацијата на стојалиштето не можеа точно да ни посочат каде застануваат патничките возови. По долготрајното трагање низ шумата, успеавме да го најдеме железничкото стојалиште Железара. До него се стигнува преку неасфалтирана патека, нема никаква информативна табла, ниту пак некаков знак на самото стојалиште за тоа каде се наоѓате. Осветлување нема, клупи за седење и натстрешница нема, а возниот ред никаде не е прикачен. Ова стојалиште не е поврзано со автобуските линии од скопскиот јавен превоз, а нема ниту паркинг за велосипеди.

На слична состојба наидовме и на железничката станица Маџари. Иако се наоѓа на централно место во оваа скопска населба, нема никаква информативна табла за приодот на патниците кон станицата. Во близина на објектот има автобуска постојка што им овозможува патниците да го продолжат своето патување со јавен превоз, но во рамките на објектот нема паркинг за велосипеди. Има асфалтиран пристапен пат до станицата, но затоа пак самиот станичен објект се наоѓа во руинирана состојба и не е реконструиран со години наназад. На Гугл Мапс не може да се пронајде локацијата на железничката станица Маџари.

Нашето патување го завршивме во Општина Зелениково, каде што ја посетивме железничка станица Зелениково и стојалиштето Зелениково Ново. Од правец кон Скопје, најпрво се пристигнува до стојалиштето, на кое не е поставен никаков знак што ќе ги информира патниците на која локација се наоѓаат. Клупи за седење и настрешница нема, информативна табла во околината нема, возниот ред не е прикачен, а за паркинг за велосипеди не станува ниту збор. Единствено има автобуска постојка за линијата 67 од скопскиот јавен превоз, па така патниците можат да се прекачат од воз на автобус и обратно.

И железничката станица во Зелениково иако е изградена во втората половина на дваесеттиот век, се наоѓа во запуштена состојба. Нема никаква информативна табла на околните улици за пристап на патниците до станицата, ниту пак има паркинг за велосипеди во рамките на објектот. Граѓаните единствено можат да се прекачат на автобус во близина на самата железничка станица.

Железничките станици и стојалишта во Скопскиот регион се под директна ингеренција на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, до кое поставивме прашања во два наврати изминативе две недели, но не добивме одговори на оваа тема.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во предизборната програма пред локалните избори во 2017 година „Живот за сите“, на страница 18, има ветено дека Градот Скопје ќе ги ревитализира запоставените железнички станици во Драчево, Транспортен центар, Маџари, Скопје-Север, Волково и Ѓорче Петров, ветувајќи воедно изградба на рампи за велосипеди и нови велосипедски патеки до овие железнички станици. И до Градот Скопје на 2 и на 12 април испративме прашања за тоа до каде е ревитализацијата на запоставените железнички станици, но досега не добивме одговор на нашите прашања.

Скопскиот регион со пругите во должина од околу 100 километри има извонредни услови за воспоставување на градско-приградска железница, која што на граѓаните би им овозможила брзи, евтини и еколошки патувања во рамките на главниот град, но ваков проект не е воспоставен. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека со ваквите железнички линии би се патувало барем двојно побрзо во споредба со постојниот јавен превоз во Скопје.