Тоа што е позитивно е што препораката за почеток на пристапните преговори останува, но под услов изборите да бидат веродостојни и Договорот од Пржино да биде целосно имплементиран, порача амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, презентирајќи го најновиот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија.

Сепак, тој посочи дека нема напредок во областите на судството, борбата против корупцијата и медиумите.

– Немаше напредок во судството во однос на минатогодишниот извештај и препораките, како и прашањата што беа содржани во преораките за реформски приоритети. Корупцијата, исто така, преовладува во многу области и останува сериозен проблем, тука немаше напредок во однос на минатогодишните препораки. Капацитетите за ефективно справување со корупцијата не се доволни и постои политичко мешање во соодветните тела. Немаше ниту напредок во поглед на борбата против организираниот криминал, потребна е подобра ефикасност во борбата против перењето пари и повеќе финансиски истраги, како и при конфискувањето имот. Слободата на медиумите останува сериозен предизвик во политичката клима, и покрај неодамнешните охрабрувачки знаци, недостигаше балансирано известување, а немаше ниту целосна транспарентност во владиното рекламирање. Заплашувањето и нападите против новинарите мора да престанат – изјави Жбогар.

Како позитивни моменти кои се случија минатата година, евроамбасадарот ги издвои постигнувањето на политичкиот договор и одредувањето датум за изборите, со што сега постои и реална шанса за излез од двегодишната политичка криза.

– Сите политички сили треба да обезбедат услови за веродостојни избори на кои народот ќе ја изрази својата слободна волја, каде партиските и државните активности ќе бидат јасно одвоени, каде судиите и администрацијата ќе можат да работат без политичко мешање и каде Државната изборна комисија (ДИК) ќе може да продолжи со својата работа, а исто така балансираното медиумско известување ќе им овозможи на граѓаните да бидат соодветно информирани и да донесат одлуки – додаде тој.

Жбогар, како и еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан пртходно, порача дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е клучен дел од политичкиот договор и дека мора да се направат напори што на ова тело ќе му обезбедат кредибилитет при решавањето на сите случаи што произлегоа од аферата со незаконско прислушување.