Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, составен од тројца судии, ги одби како неосновани жалбите на Специјалното јавно обвинителство на одлуката на судијата на претходна постапка да не им одреди притвор на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на општината Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, и на уште две лица осомничени во акцијата „Титаник“, соопшти попладнево Кривичниот суд.
Во одлуката на Кривичниот совет на судот, според соопштението, не се опфатени жалбите за неизречениот притвор на поранешната министерка за внатреши работи, Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, и на уште три лица што специјалната обвинителка Катица Јанева ги достави до судот во вторникот, еден ден по распитот на осомничените.
По нив, како што велат од судот за „Мета“, Кривичниот совет ќе одлучува дополнително, бидејќи законските рокови сè уште течат.
„Кривичниот совет составен од тројца судии по секој поединечен предмет по жалба на обвинителството, во кој како членови на совет учествуваа сите судии од Одделот за организиран криминал и корупција, донесе решение со кое жалбите на обвинителството за гонење кривични дела поврзани и што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за лицата Е.Т., М.Ј., М.П. и К.М. се одбиваат како неосновани, а решението на судија на претходна постапка се потврдува. Постапувајќи по жалбите поднесени од обвинителството, а почитувајќи го законски предвиденито рок, советот донесе решенија кои во текот на денешниот ден беа писмено изработени и експедирани до странките“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Оттаму додаваат дека против решението на Кривичниот совет не е дозволено право на жалба.
Јанакиески, Темелко и двете лица за кои СЈО бараше притвор, беа на распит пред судија на претходна постапка во петокот минатата недела, истиот ден кога Јанева и две обвинителки од нејзиниот тим, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи, информираа за првата акција на СЈО под име „Титаник“. За поранешните министри, генералниот секретар на владата, градоначалникот, неколку членови на општински изборни комисии и за судии во Управниот суд, СЈО отвори истражни постапки за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал.