Згурата од Топилница ќе се сепарира во затворен систем за да не се крева прашина

Фото: „Кепс Монт Груп“

Нова, модерна сепарација за минералната техногена суровина, ќе се монтира покрај отпадот на депонијата на некогашната Топилница во Велес. Се работи за најнова опрема која функционира како затворен систем со што се избегнуваат сите можности за загадување на воздухот и кревање прашина при процесот на одвојување на суровините. Расејувањето на прашината богата со тешки метали е еден од долгогодишните проблеми на градот. И покрај многубројните обиди за ремедијација, испитувањата направени во 2018 и 2019 година покажаа дека почвата во Велес и понатаму е многу загадена со тешки метали, заради што обновата на земјата ќе се врши дури по чистењето на црниот рид.

Концесионерот „Кепс Монт груп“ информира дека веќе побарал од Општина Велес проширување на Б-интегрираната дозвола за да се овозможи монтирањето на модерната опрема. На локацијата во изминатите месеци беше завршен и доводот за електрична енергија со должина од 1.200 метри на кој ќе се приклучи новата машина.

„Сепарацијата ја носи нашата партнер компанија од Турција, која ќе ги откупи најголемиот дел од количините на техногената суровина. Со неа ќе се интензивираат работите и ќе се зголеми динамиката на товарењето и подготовката на суровината за транспорт. Позитивно е што како се чисти горниот слој, така наидуваме на сѐ помали количини отпад, што нема во иднина да ја кочи работата и да го одложува транспортот“, велат од „Кепс Монт груп“.

Во меѓувреме, на локалитетот „Баш колиби” продолжуваат активностите за ископ, сеење, товарење и транспорт на суровината од олово-цинковата јаловина. Од изминатата година па досега, во континуитет тече извозот на згура во Србија, а се очекува наскоро да почне и кон Албанија. Во двете соседни земји, како што беше најавено, ќе се извезат и ќе се преработат околу 300.000 тони од суровината, а досега во Србија заминале над 50.000 тони. Концесионерот најавува дека со монтирањето на новата сепарација ќе започне и веќе најавуваната соработка со партнерот од Турција. Овие количини ќе се преработуваат во капацитети на Блискиот Исток.

Се проценува дека, во црниот рид, кој е последица од работата на некогашната Топилница и кој има околу 1,8 милиони тони отпад, има шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина, но има и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум…

Компанијата има седум години рок да го реализира проектот, колку што е важноста на Б-интегрираната еколошка дозвола, која ја доби во октомври 2019 година од Општина Велес. Со најавената динамика на работа целата операција на сепарирање и транспорт на згурата ќе потрае помеѓу четири и шест години. По завршувањето на оваа активност ќе следува ремедијација на површината каде што неколку децении лежеле опасните остатоци. Генералниот урбанистички план на Велес предвидува локацијата на Топилницата, наместо тешка и загадувачка индустрија, да се претвори во заштитно зеленило. Локалитетот каде што е сега депонијата на олово-цинкова јаловина се наоѓа на државно земјиште, а должноста да се реши проблемот на оваа долгогодишна жешка точка ќе остане на локалните и централните власти.