Нема фирма која ќе ја откупи сета количина од металите од згурата од велешката Топилница, па техногената минерална суровина ќе се продава дел по дел на берза. Од концесионерот „Кепс монт груп“ велат дека работите мора да се придвижат и суровината да почне да се извезува, а во меѓувреме да се бара и сериозен купувач. Во моментов се подготвува теренот за поставување опрема која ќе има поголем капацитет за одвојување на металите од насобраниот шут во црниот рид. На депонијата има 1,8 милиони тони отпад богат со метали кои некогаш се преработувале во индустрискиот капацитет. Според проценките околу 10 проценти се цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум…
„Во изминатите три години, откако ги добивме концесијата и Б-интегрираната дозвола се соочивме со пречки што не можевме да ги предвидиме, пандемија на ковид-19 и криза која ги промени цените на енергијата и транспортот, кои се клучни во нашата работа. Во тие услови на работа решивме паралелно да бараме соработка со компанија за откуп на големи количини, но и да бараме купувачи на берза кои би купувале помали количини кои ние ќе ги сепарираме“, велат од Кепс монт груп.
Посочуваат дека просторот околу депонијата е веќе исчистен од дива вегетација, купен е агрегат, а се подготвува и довод на вода, пред да се започне со монтирањето на новата опрема.
Работите тапкаат во место уште од самиот почеток, кога првичната дестинација на минералната суровина Малезија, и покрај важечкиот договор потпишан со тамошна компанија за откуп на целата количина, забрани увоз на отпад. Во меѓувреме, според податоците на Министерството за животна средина, освен 100 тони пробни количини суровина извезени во Малезија во 2019 година, од Велес заминаа само уште 368,9 тони за Србија, Албанија, Турција и Косово во 2020 година. Од тогаш, на локацијата нема активности, а црниот рид и понатаму е сведок за работата на некогашниот капацитет за олово и цинк.
Депонијата со згура од Топилница и понатаму го демне Велес [фото]
Топилницата почнала да работи во 1973, а прекинала во 2005 година. Во периодот кој следуваше ја купи приватната компанија „Метрудхем“, која направи обид да ја рестартира во 2011 година, но обидот остана неуспешен. На повеќе локации, околу фабриката и отпадот, но и низ градот Министерството за здравство направи испитувања на почвата кои докажаа присуство на тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, кои се опасни за здравјето на граѓаните. Истражувањата покажаа дека почвата е загадена во радиус од дваесетина километри, а ниви на кои се одгледува храна има и во непосредна близина на троската. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.