Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за покачување на платите за 10 отсто во основното, средното и високото образование и во науката, почнувајќи од исплата на платата за април 2020 година.

Откако ќе биде постигната спогодбата со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), вкупното зголемување на платите од април идната година ќе изнесува 20 отсто, информираат од владината прес – служба. Само во период од изминатата година, платите на образовниот кадар веќе пораснаа на два пати по 5 отсто.

Владината одлука следува по предупредувањето на СОНК дека ќе стапат во штрајк доколку нема покачување на платите во образованието. Од овој синдикат треба во наредните денови да се изјаснат дали ќе го прифатат предлогот на владата за покачување на платите или целата постапка за преговори ќе ја вратат на почеток. Нивните првични реакции за владиното покачување на платите се дека истото треба да отпочне од 1 јануари догодина, а не четири месеци подоцна.