Производството на електрична енергија од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, додека производството од ветерните електрани бележи раст од околу 10 проценти. Истовремено, исполнетоста на акумулациите достигнува околу 80 проценти, што претставува значајна резерва за стабилно и сигурно снабдување во периодите на зголемена потрошувачка.
Паралелно, се гради втората фаза од ветерниот парк Богданци, кој следната година ќе достигне
инсталиран капацитет од 50 MW, а започнуваат и активностите за изградба на фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2, додека подготовките за Битола 2 и Битола 3 се во напредна фаза, информираа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини по повод 10 Јули, Меѓународниот ден на енергетската независност.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакнува дека енергетската независност не е краткорочна цел, туку долгорочна државна стратегија.
„Нашата цел е јасна – Македонија да стане енергетски независна држава, да произведува повеќе домашна, чиста и конкурентна енергија. Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и ги отвораме новите енергетски коридори што ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку прашање на национална сигурност, стабилност и развој. Нашата амбиција не е само да ги задоволуваме домашните потреби, туку Македонија да стане и нето извозник на електрична енергија,“ рече Божиновска.
Енергетската независност денес претставува едно од најважните мерила за отпорноста на секоја современа држава. Последните глобални енергетски кризи уште еднаш потврдија дека државите кои инвестираат во сопствено производство и во диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови, поконкурентни и поуспешно ги штитат интересите на своите граѓани и економија.