fbpx

Зголемена побарувачка за станбени, намален интерес за потрошувачки кредити

-

Околу една третина од банките укажуваат на зголемување на побарувачката за станбени кредити во последното тримесечје од минатата година, за разлика од претходните три месеци кога банките сигнализирале намалување на интересот за овој вид кредити, покажува најновата анкета на Народната банка за кредитната активност на банките.

Кај потрошувачките кредити се забележува намалување на нето-побарувачката.

Во четвртото тримесечје од 2019 година се забележува засилување на влијанието на сите фактори коишто придонесуваат за нето-зголемување на побарувачката на станбените кредити.

„Така, довербата на потрошувачите и перспективите на пазарот за станбена изградба се фактори коишто и понатаму најмногу придонесуваат за зголемување на побарувачката за станбени кредити, посилно во однос на претходната анкета. Позначителна промена е забележана кај нето-процентот на факторот заштеди на населението, којшто придонесува за зголемување на побарувачката, посилно во однос на претходната анкета. Кредитите од останатите банки и натаму предизвикуваат намалување на побарувачката на станбени кредити, но значително послабо во споредба со претходната анкета“, се вели во анкетата.

Во последните месеци од минатата година, кај кредитите на домаќинствата се забележува натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови.

„Притоа, нето-олеснување на условите се забележува и кај станбените кредити и кај потрошувачките кредити. Кај станбените кредити, околу 8 отсто од банките (наспроти околу 59 отсто во претходната анкета) укажуваат на олеснување на кредитните услови, додека останатите банки укажуваат на непроменети кредитни услови. Кај потрошувачките кредити, околу 10 отсто од банките укажуваат на олеснување на кредитните услови, при што и понатаму најголем процент од банките укажуваат на непроменети кредитни услови. Притоа, околу 10 отсто од банките укажуваат на заострување на условите за одобрување потрошувачки кредити, што не беше случај во претходната анкета“, велат од Народната банка.

Според согледувањата на банките за конкретните кредитни услови, оценетото нето-олеснување во поголем дел произлегува од каматната стапка кај двата типа кредити на домаќинствата, при што значително е поизразено кај станбените кредити. Така, околу 39 отсто од банките укажуваат на намалување на каматната стапка на станбените кредити, додека кај потрошувачките кредити, околу 20 отсто од банките се изјасниле на овој начин.

За првото тримесечје од 2020 година банките и натаму очекуваат нето-олеснување на кредитните услови, коешто е послабо во однос на очекувањата од претходната анкета.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...