Извор: Министерство за одбрана

Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје беше извршен свечен прием на 200 нови професионални војници. На приемот присуствуваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска која им посака добредојде на војниците во редовите на Армијата, информираат од Министерството за одбрана.

„Заокружуваме исклучително успешна година во одбраната, година на нашиот прием во НАТО по тридецениски стремеж, и затоа со гордост можам да ви кажам добредојдовте во Армијата, која што е членка на Алијансата. Фактот што вие 200 војници сте одбрани од пријавените околу 1.800, кажува дека сте доволно упорни и посветени за еден ден да израснете во докажани професионалци во Армијата“, рече министерката Шекеринска во обраќањето кон новите војници.

Министерката рече и дека инвестирањето во Армијата започнува со инвестирањето во човечкиот потенцијал и дека е зголемен интересот меѓу младите за место во Армијата. Таа најави дека веќе во првото полугодие од 2021 година ќе биде распишан оглас за уште 250 професионални војници.

„Армијата води грижа за своите припадници. Да се биде дел од Армијата значи да се има финансиска стабилност и можност за кариера. На првиот конкурс пред три години за 125 места се пријавија околу 200 кандидати. Но кога почнаа нашите вложувања во Армијата, вложување во опрема, плати и додатоци на плати, сликата драстично се смени и на почетокот на оваа година за 70 места се пријавија 700 кандидати. На конкурсот, пак, што го распишавме за вас 200, се пријавија над 1.800 кандидати“, истакна Шекеринска и посочи дека се почнати и курсеви за произведување на подофицерски кадар и дека Армијата ќе добие 120 нови подофицери.

На приемот на новите професионални војници присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски, кој заедно со министерката и со членови на армискиот врв им ги врачија договорите на младите војници.