Бројот на нови случаи со ковид-19 и процентот на позитивни од тестираните лица е во опаѓање последната недела. Сепак, во овој период во земјата биле регистрирани 320 заболени деца на возраст меѓу 6 и 14 години, а седмицата пред неа имало 200 заболени деца, објасни претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.
Ова претставува зголемување од околу 60 отсто кај бројот на заболени деца, што не дава за право да се каже дека епидемиолошката состојба е добра.
„Тоа се школските деца, кои најголем дел се на настава со физичко присуство. Во моментот нема простор за загриженост, се следи состојбата и ние како комисија апелираме, целосно, да се следат, целосно, актуелните протоколи за одржување настава со физичко присуство. Исто така апелираме до учениците и до родителите да бидат поотворени на тестирање“, изјави Петличковски.
Инаку, Комисијата за заразни болести донела одлука за почнување на скрининг кај училишната популација во земјава, којшто ќе трае една недела и во кој ќе бидат опфатени 2.000 ученици.
За да се изведе тестирање на учениците, ќе биде неопходна согласност на родителите, така што претседателот на Комисијата за заразни болести упати апел до родителите да соработуваат во скринингот.
Петличковски рече дека во Скопје од денеска се отворени нови пунктови за тестирање за ковид-19 во поликлиниките во Ѓорче Петров, Идадија и Бит-пазар, а во нив граѓаните ќе можат да извршат тестирање преку закажување кај матичните лекари.