„Југохром“ од Јегуновце го намали производствениот процес откако утринава комбинатот одлучи да бидат згаснати три печки.

Од раководството на „Југохром“ велат дека сега фабриката ќе работи со намален капацитет за околу 20 отсто, што е вообичаена практика во секоја зимска сезона, за да се намалат трошоците за струја, која е поскапа во месеците што следат. Оттаму уверуваат дека нема да има отпуштања на работници.

– Најважно е дека ниту еден од вкупно 1.100 работници нема да добие отказ. Некои ќе бидат прераспределени, некои ќе ги ангажираме да извршат ремонт на згаснатите печки, некои ќе мораат да земат и годишни одмори. Намалувањето на приозводствениот процес во овој период од годината е редовна работа, за да може фабриката да работи рентабилно, во услови кога зиме плаќаме поскапа струја – изјави техничкиот директор на „Југохром“, Владо Скендеровски.

Скендероски додаде дека решени се имотно-правните спорови за локацијата, каде треба да се гради пречистителната станица, што е услов за комбинатот да добие интегрираната еколошка дозвола за работа. Оттаму најавија дека деновиве ќе почнат со нејзина изградба.

Пред десетина дена министерот за животна средина, Нурхан Изаири, изјави дека ќе ѝ наложи на Владата да го затвори „Југохром“, кој, како што рече, немал почнато никакви активности околу изградбата на пречистителната станица.