fbpx

Земјотресите во Турција и Сирија не се предизвикани со ХААРП

-

По катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, на социјалните мрежи се појавија нови теории на заговор кои без никакви докази инсинуираат дека катастрофалниот земјотрес бил на вештачки начин создаден од САД со користење на ХААРП технологија. Наспроти ваквите тврдења, ХААРП е програма која ги истражува својствата и однесувањето на јоносферата, а научниците и метеоролозите велат дека не може да ги промени временските прилики, а камоли да предизвика земјотреси. Овие подрачја се исклучително трусни и таму честопати има земјотреси. Сејхун Пускулџу, сеизмолог и координатор на Турската фондација за земјотреси,  вели дека луѓето во Турција се многу свесни за нивната ранливост на земјотреси. Што се однесува до тврдењето дека земјотресот не е Божја волја, туку е НАТО напад врз Турција затоа што се приближи кон Русија“, фактите се дека Анкара не размислува да се повлече од НАТО, тоа го потврди и портпаролот на Партијата на правдата и развојот  на претседателот, Реџеп Таип Ердоган, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Моја проценка е дека ова не е акт на природата. Ова е одвратно дело на сатанистите од Давос. Прочитајте ја мојата книга Оружје за масовна деструкција објавена на 13.10.2010 година каде пишувам за новите геотектонски оружја за кои се користени Теслините пронајдоци.

Потоа во склоп на постот се споделува видео од контроверзниот писател Дејан Лучиќ од Србија кој вели дека има многу важна информација за граѓаните на Турција.
Езра Коен, високопозициониран политичар од тимот на Трамп пред неколку дена изјави дека Америка и НАТО ќе извршат напад врз Турција со ХААРП. Преведено, тоа значи дека против Турција ќе биде искористено геолошко оружје. И тоа се случи. Разорен земјотрес ја нападна Турција. Но тоа не е Божја волја туку е НАТО напад врз Турција затоа што се приближи кон Русија. Целта е да се сруши Таип Ердоган и Турција да се распадне на 5 делови. Запаметете го тоа, вели Лучиќ во видеото објавено во  постот што го рецензираме.

После катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, на социјалните мрежи се појавија нови теории на заговор кои без никакви докази инсинуираат наводна вмешаност на човечки фактор во катастрофалниот земјотрес. Па така, се тврди дека наводно земјотресот бил создаден на вештачки начин и не бил природен,  дека земјотресот бил поврзан со ХААРП… За ваквите небулозни тврдења нема никакви докази. Наводната изјава на Езра Коен којашто се споменува во постот што го рецензираме, Вистиномер не успеа да ја пронајде на интернет.

ХААРП е програма која ги истражува својствата и однесувањето на јоносферата (High-frequency Active Auroral Research Program). Според теоретичарите на заговор  ХААРП е дизајниран да произведува земјотреси и други природни катастрофи. Но, научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да ги промени временските прилики, а камоли да предизвика земјотреси.

Уште во 2020 година, Клајмат Фидбек се занимаваат со теориите на заговор дека ХААРП може да предизвика природни катастрофи. Така што, оваа теорија на заговор не е нова, туку само е адаптирана на најновата природна катастрофа, односно на земјотресите во Турција и Сирија.

Роберт Мек Кој, директор на геофизичкиот институт на Универзитетот Алјаска, вели дека ХААРП не може да предизвика природни катастрофи.

Подрачјата на Турција и Сирија беа погодени од разорни земјотреси со јачина од 7.8 и 7.5 степени според Рихтер. Овие подрачја се исклучително трусни и таму честопати има земјотреси. Теоретичарите на заговори, како што се прави и во овој пост, шират лаги дека земјотресите со голем број жртви биле предизвикани од Американците и тајното оружје на Тесла.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Истиномер од Србија, ваквата теза се коси со сите геолошки учења и научни сознанија врзани за ова исклучително трусно подрачје. Земјотресите со каква било јачина, не познаваат геополитички граници туку се врзани за поместувањето на тектонските плочи во земјината кора литосфера. Седум големи плочи покриваат околу 95 проценти од земјината површина, додека десетина помали го покриваат останатиот дел од земјината површина.

Епицентарот на земјотресот е на 26 километри источно од турскиот град Нургагија, на длабочина од околу 18 километри. Земјотресот се ширеше кон североисток, со разорно дејство во централна Турција и Сирија. Почетниот трусен бран меѓу Турција и Сирија почна на релативно мала длабочина. Потресите поблиски до површината на земјата се посилни и потенцијално поразорни од подлабоките земјотреси со иста магнитуда, пишува Истиномер.

Дека за овој потрес не се одговорни тајното сеизмичко оружје, ниту ХААРП, туку се работи за едно од најтрусните подрачја на светот, за Н1 изјави и професорот по географија од Сараево, Ведран Зубиќ.

Да се каже дека тоа е трусно подрачје е минимално. Се наоѓа во централниот дел на втората најнестабилна, таканаречена евроазиска зона на планетата, меѓу Хималаите и Пиринеите. Тука се наоѓа една геотектонска зона каде плочите се туркаат и ни се случуваат земјотреси. Глупаво е да се зборува за политички граници, тоа е еден геотектонски простор. Во овој случај границите не значат ништо, ниту пак трусниот бран носи пасош, да го покажува, истакна Зубиќ.

Истиномер пишува дека вештачките земјотреси се предизвикани од антропогена активност, односно од влијанието на човекот врз природната средина. Најчестиот пример за такви активности се случува во области каде што се формирани големи вештачки акумулации.

Така на пример во САД, процесот фракинг (бушење и вбризгување течности во земјата под силен притисок за да дојде до пукање на карпите и испуштање наи природен гас) остави зад себе „епидемија на  земјотреси“ ширум САД. Целта на фракинг процесот е карпите да испукаат под притисок за да се ослободи природен гас или нафта. До ваквиот потрес се доаѓа со вбризгување на повеќе милиони литри отпадни води под површината на земјата. Но, во Турција и Сирија нема вакви активности и не може да стане збор за човечки предизвикан земјотрес.

Во 1939 година во турскиот град Ерзинџан, исто така имало земјотрес со јачина од 7.8 степени. Земјотресите во Турција не се нешто невообичаено. Според податоците од геолошко топографскиот институт на САД во Турција минатите денови се случиле над 60 земјотреси со јачина повисока од 2.5 степени.

Сејхун Пускулџу, сеизмолог и координатор на Турската фондација за земјотреси, со седиште во Истанбул, вели дека луѓето во Турција се многу свесни за нивната ранливост на земјотреси и дека овој земјотрес не е изненадување.

Минатиот ноември во Турција имаше земјотрес со јачина од 5.9 степени.

Што се однесува на делот во постот во кој се вели дека земјотресот во Турција „ не е Божја волја туку е НАТО напад врз Турција затоа што се приближи кон Русија“, фактите се дека Анкара не размислува да се повлече од НАТО. Тоа го изјави пред две недели Омер Челик, портпаролот на Партијата на правдата и развојот (АК) на претседателот, Реџеп Таип Ердоган, откако во јавноста се ширеа такви шпекулации.

Ние се соочуваме со такви работи на секои избори (повици за прекин на членството на Турција во НАТО). Тоа не се работи за кои ќе се грижиме. Оние кои повикуваат да се прекине членството на Турција во НАТО, зборуваат бесмислено. Ова не доаѓа предвид. Ние сме една од земјите основачи на НАТО. Тие немаат право да кажуваат такви работи. Тоа што го велат би било луксуз за НАТО, рече тој во интервју за Си-Ен-Ен Турк.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...