Четири повредени лица, од кои две се на болничко лекување, неколку оштетени куќи во зеничките населби Љубетово, Хеце и Врандук, како и оштетувања на фасади во самиот град, е билансот од синоќешниот земјотрес со епицентар кај Зеница, кој се случи во 21.43 часот ја погоди Босна и Херцеговина.

Земјотресот бил со јачина од 4,8 степени со епицентар во Зеница.

„Според информациите од Кантоналната управа за цивилна заштита, во Љубетово е забележано уривање на ќерамиди од неколку куќи и уривање на еден потпорен ѕид. На патот М17 во Јелина имало свлечиште. За жал, пријавени се четири случаи на повредени граѓани, од кои еден во Јелина, а тројца граѓани се повредени поради срушен градежен материјал од згради и куќи. Двајца од повредените се задржани во Кантоналната болница Зеница. Нашата полиција и службите на Кантоналната управа за цивилна заштита се во готовност и ја следат ситуацијата на терен“, напиша на Фејсбук Незир Пивиќ премиер на Зеничко-добојскиот кантон.

Зехрудин Ибрахимагиќ, претседател на месната заедница Љубетово, место недалеку од Зеница каде што беше епицентарот на земјотресот, рече дека се оштетени неколку куќи.

„Епицентарот беше во реонот кај Љубетово. На тоа место досега е евидентирана штета на неколку куќи каде што пукнале ѕидови и паднале ќерамиди, а луѓето се плашат да влезат во куќите. Ќе го почекаме утрото за да ги процениме оштетувањата на објектите“, изјави синоќа Ибрахимагиќ.