Земјотрес од 2,4 степени ноќеска почувствуван во Охрид и околината

Слаб земјотрес со епицентар во јужниот дел на Охридско Езеро е регистриран веднаш по полноќ. Според Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала

Фото: Земјотрес во Охрид, Мета.мк

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, преку сеизмолошките станици инсталирани ширум земјата и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска регистрираше земјотрес.

Земјотресот е забележан веднаш по полноќ, во 00 часот и 33 минути, со епицентар во пограничното подрачје со Република Албанија, во јужниот дел на Охридско Езеро, на околу 120 километри југозападно од Скопје. Според податоците од опсерваторијата, локалната магнитуда на земјотресот била 2,4 според Рихтеровата скала.

„Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и блиската околина со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала“, стои во известувањето на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ – Скопје.