Богатите нации беа обвинети за „предавство“ на земјите во развој за време на разговорите за клима на конференцијата во Бон, Германија, јавува „Би-би-си“.
Земјите во развој тврдат дека климатските промени што ги доживуваат се предизвикани од историски високите емисии на јаглерод диоксид кои потекнуваат од побогатите земји. Тие велат дека Европа и САД сега имаат одговорност да им платат за претрпените загуби и штети.
Посиромашните земји се надеваат оти ветувањето дека ќе бидат компензирани за штетата направена од емисиите на стакленички гасови на побогатите земји, ќе биде испочитувано годинава. Тие веруваат дека ќе бидат доделени нови финансиски средства за да се плати за влијанијата од климатските промени на кои земјите во развој не можат да се прилагодат.
За многу учесници на дискусијата во Бон, концептот познат како „загуба и штета“ стана клучно прашање во глобалните климатски преговори.
Претставниците на земјите во развој велат дека климатските влијанија врз нивните земји се потешки отколку врз побогатите нации и дека имаат помал финансиски капацитет за да се справат со нив.
„Веќе живееме со загуби и штети во последните 25 години. Имаме семејства кои ги загубија своите куќи, родот, животот, а никој не плаќа за тоа, снема ресурси, а во исто време зависиме од долгови“, изјави Адриана Баскез Родрикез од Здружението „Ла Рута дел Клима“ од Костарика.
САД и Европа не се согласуваат со земјите во развој. Тие се плашат дека ако платат за историските емисии, тоа би значело финансиски импликации од милјарди долари во следните децении или дури и векови.
Ова прашање беше покренато и на климатската конференција на Обединетите Нации во Глазгов, КОП26, минатата година, каде беше постигнато нешто што се нарекува „деликатен компромис“.
Тоа значи дека островските држави и земјите во развој би се согласиле на климатскиот пак од Глазгов фокусиран на намалување на испуштениот јаглерод диоксид, само доколку побогатите нации конечно воспостават процес кој ќе ги финансира штетите и загубите.
Посиромашните нации се надеваат дека на состанокот во Бон политичките лидери ќе се договорат фокусот на агендата на КОП27 што ќе се одржи во Шарм ел Шеик во ноември ќе биде ставен токму на „загубите и штетите“. Но, тоа сè уште не се случило поради противењето на некои земји.
Земјите во развој велат дека ако не се постигне напредок, тоа ќе биде значаен удар врз единството пред КОП27.
„Ранливите нации се предадени од богатите земји. ЕУ, САД и другите го блокираа напредокот во финансирањето на загубите и штетите“, напиша на Твитер Таснем Есоп од Мрежата за климатска акција, „CAN International“.
Конференцијата за климатски промени во Бон треба да заврши денес. Традиционално, оваа конференција одржува некаде на половина помеѓу двата главни самита – КОП26 и КОП27, за да се провери напредокот.