Извор: Влада на РСМ

Лидерите од земјите на Западен Балкан на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска ги потпишаа двете декларации за Заеднички регионален пазар и за Зелената агенда. Двата документа се голем успех од заедничкото ко-претседателство на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес, бидејќи ги обединуваат напорите на Западен Балкан за уште поблиско интегрирање кон нормите и стандардите на Европската Унија.

Со лансирањето на новиот Акциски план за воспоставување на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западниот Балкан ќе се овозможи за првпат формирање на заеднички пазар врз основа на ЕУ стандардите и критериумите на заедничкиот европски пазар. Инаку, документите беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка.

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов денеска се обратија со изјави во рамките на Самитот за Западен Балкан.

„Берлинскиот процес е секогаш поврзан и со помирување на недоразбирањата и на наследството од минатото. Се надеваме дека овој процес ќе продолжи и добар знак е тоа што конференцијата воспоставена во името на Берлинскиот процес веќе овозможи да се сретнат луѓето, земјите-членки на Балканот и многу ми е мило што и тие ги вклучуваат учениците и училиштата. Ги поттикнувам сите земји од Западниот Балкан да ја унапредат и соработката во науката“, изјави канцеларката Меркел.

Таа го поздрави потпишувањето на декларациите за создавање на Заеднички регионален пазар и за Зелената агенда, и напорите за премин кон економија без јаглерод диоксид, со цел да се придонесе за заштита на климата.

Канцеларката Ангела Меркел не зборуваше директно односите меѓу Скопје и Софија и за најавената блокада што ја најавува Бугарија за почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, но на крајот од своето обраќање накратко изјави:

„За регионот, она што морам да го кажам: Мора да се согласувате, не заборавајте, затоа што тоа е многу важно“, порача германската канцеларка Меркел.

Инаку, премиерот Зоран Заев изјави дека годинава за првпат од започнувањето на Берлинскиот процес, ко-домаќини се една земја кандидат од регионот заедно со соседна земја-членка на ЕУ. Тој дополни дека заедничкото домаќинство во Берлинскиот процес работеше во изминативе месеци на бројни активности за енергична соработка во многу области меѓу земјите од Западен Балкан.

„Сите ние се согласивме дека треба да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси“, изјави Заев.

Македонскиот премиер утрово посебен акцент во своето обраќање на отворањето на лидерскиот Самит во Софија, упати на новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено по мартовскиот Европски совет со обновената преговарачка методологија и одлуките за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија, и Загрепскиот самит во мај, како и со пакетот за проширување од Европската комисија оваа есен и со сериозниот Економски и инвестициски план.

Тој рече дека заедно со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, таа динамика е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ.

„Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, истакна премиерот Заев.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов и при давањето на официјалните изјави, но и за време на почетокот на лидерскиот Самит утрово, не зборуваше директно за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Борисов рече дека Софија ја прифатила поканата заеднички да биде домаќин на иницијативата во 2020 година, бидејќи биле убедени дека ваквиот потег е природно продолжение на достигнувањата на бугарското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година. Тој изјави дека Бугарија ја вратила темата за европската перспектива на регионот на агендата на ЕУ.