Вакцините Фајзер/Бионтек | Фото: Министерство за здравство 17.02.2021 г.

Епидемиолошката состојба во Северна Македонија се стабилизира и како резултат на тоа, ублажени се и анти-ковид мерките. Сепак, процесот на вакцинација во земјата се одвива многу бавно. Властите ветија дека ќе добијат 500.000 дози вакцина Синовак на почетокот на јуни, но очекуваните дози не се пристигнати досега. Интензитетот на вакцинација е намален и во соседна Албанија, пишува Порталб.мк.

Северна Македонија ги ублажи анти-ковид мерките во земјата со укинување на полицискиот час, овозможување да се организираат разни културни и забавни настани на отворен простор со капацитет од не повеќе од 1.000 луѓе, односно 50 проценти од капацитетот, ги укина ограничувањата за свадби и забави. Епидемиолошката состојба во земјата се стабилизира, но бројот на граѓани кои се вакцинираат од ден на ден е помал.

Во последниве денови, бројот на вакцинирани граѓани опадна многу, поради недостаток на нови дози вакцини. Министерот за здравство, Венко Филипче, вети дека до почетокот на јуни, во Македонија треба да пристигнат 500.000 вакцини од кинескиот производител Синовак. Претходно, тој рече дека вакцините од Русија се очекува да пристигнат до крајот на мај. Во Северна Македонија, сè уште не се пристигнати ниту 100.000 дози Фајзер од системот COVAX.

„Сè уште немаме точни датуми за Спутник и Синовак. За Спутник имаше најава дека ќе пристигнат кон крајот на мај, но досега не се пристигнати, вчера разговарав со амбасадорот на Русија, тој ја презеде обврската во текот на денот да комуницира со институтот во Москва и да ни даде повратни информации. Најавата за пристигнување на вакцините Синовак е за почетокот на јуни, така рекоа, и треба да ги очекуваме во текот на првата недела или во првите 10 дена. Со вакцинирањето ќе продолжиме според истиот систем. Во текот на оваа недела ќе имаме намалување на бројот, но од следната се надевам дека повторно ќе се вратиме на истата динамика“, изјави Венко Филипче, на 1 јуни 2021 година.

Во текот на овој месец, Северна Македонија секој понеделник добива по една од редовните пратки на вакцини Фајзер. Дел од вакцините се обезбедени со билатералниот договор на РСМ со производителот Фајзер, додека остатокот е дел од програмата „Team Europe“.

„12.870 дополнителни дози добиени денес од производителот „Фајзер“, се обезбедени преку директни преговори со производителот и преку ЕУ, која ги обезбеди како помош преку трипартитниот договор во рамките на програмата „Тим Европа“, напиша Филипче.

На 9 јуни, Северна Македонија доби донација од Турција од 30.000 дози Синовак. Додека на 15 јуни земјата доби нова донација од соседна Грција, 20.000 дози Астра Зенека.

Поради недостаток на вакцини, стотици граѓани од Северна Македонија одат да се вакцинираат во соседна Србија за време на викендите, на пунктовите за вакцинација во Врање или Ниш. Минатиот викенд, според српските медиуми, повеќе од 2.000 лица биле вакцинирани таму бесплатно. Повеќе од 750 македонски граѓани за време на викендот отпатувале во Врање за да ја примат првата доза на вакцината, објави локалниот здравствен дом. Досега во овој град вакцинирани се 1.105 македонски граѓани, некои од нив ја примија и втората доза.

Во Северна Македонија, во моментов, се вакцинирани 458.131 граѓани, од кои 195.048 се вакцинирани со две дози. Над 450.000 граѓани се пријавиле и чекаат да бидат вакцинирани. Колективен имунитет, или со други зборови, вакцинација на 70 отсто од граѓаните според најавата се очекува да се случи до крајот на летото. Сепак, сегашното темпо на вакцинација не ја подржува прогнозата на властите дека до крајот на летото, повеќето граѓани ќе бидат вакцинирани.

Интензитетот на вакцинација значително се намали и во соседна Албанија

Со бавно темпо, процесот на вакцинација се одвива и во соседна Албанија. Сепак, бројот на вакцинирани лица во Албанија е многу голем. Албанија беше една од првите земји во регионот што започна со вакцинирање на населението. Од 11 јануари, кога започна процесот на вакцинација, до денес во Албанија се администрирани вкупно 848.430 дози вакцини против ковид-19. Од нив, 340.576 граѓани ги примиле двете дози.

На 14 јуни, Албанија прими 11.700 вакцини „Фајзер“. Истиот ден пристигна донација на вакцини од Грција од 20.000 дози Астра Зенека. Иако во Северна Македонија никако не можат да пристигнат ветените вакцини Спутник, на 11 јуни  Албанија прими 25.000 руски вакцини. Количината вакцини што пристигнаа во Албанија, од почетокот на процесот на вакцинација, е 967.950 дози.

Досега, во РСМ, вакцинирани се 10 отсто од населението, додека во Албанија 12 отсто.

ЕУ ги укинува ограничувањата за Северна Македонија и Албанија

Европската Унија на 17-ти јуни објави дека одлучи да ги укине ограничувањата за патување за Северна Македонија и Албанија. Без оглед на одлуката, која било од земјите-членки може да продолжи да бара негативен тест за ковид-19 или период на карантин. За да се обезбеди статус на безбедна земја, таа мора да забележи максимум 75 случаи позитивни на корона вирус на 100.000 жители во последните 14 дена. Одлуката на ЕУ беше оценета како добра вест од властите на двете земји, меѓутоа граѓаните се повикуваат да бидат внимателни затоа што пандемијата сè уште не е завршена.

„Европската Унија донесе одлука за ублажување на ограничувањата за патување за нашите граѓани, сите 27 членки на блокот се согласија. Оваа одлука на ЕУ доаѓа по стабилизирање на состојбата со вирусот во земјата. Продолжуваме внимателно да ја следиме епидемиолошката состојба во земјата. Апелирам до граѓаните дека мерките за заштита од ковид-19 сè уште важат. Пандемијата кај нас не е завршена, ниту во земјите од регионот ниту во светот, сè уште има активни и нови случаи на заразени, кои на некој начин се закана и вирусот може повторно да нè погоди, затоа мора да се придржуваме до мерките за заштита“, напиша македонскиот министер за здравство, Венко Филипче.

„Договорот на земјите од Европската унија за укинување на ограничувањата за патување за Албанија е дефинитивно добра вест. Долго очекувана вест за сите Албанци но и добар знак дека одиме кон нормалноста што сите ја посакуваме. Сепак, повторно апел до сите граѓани: Да не ја намалиме претпазливоста, во овие последни метри кон излезот од долгиот тунел на пандемијата“, напиша албанската министерка за здравство, Огерта Манастирлиу.