Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најмалку 155 кинески граѓани се борат за Русија во војната, пренесе Би-би-си.
Неговите коментари доаѓаат откако претходно оваа недела беа заробени двајца кинески борци, што го предизвика првото официјално обвинение на Киев дека Кина ја снабдува Русија со жива сила.
Зеленски пред новинарите во средата го повтори тврдењето дека има многу повеќе кинески државјани вклучени во конфликтот, врз основа на информациите што ги собрала украинската влада.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Лин Џијан вчера рече дека тие ги советуваат „сите релевантни страни“ правилно и трезвено да ја разберат улогата на Кина и да не даваат неодговорни забелешки.
„Кина не е ниту креатор, ниту страна во украинската криза. Ние сме силен поддржувач и активен промотор на мирното решавање на кризата“, изјави Лин Џијан.
Тој додаде дека Кина отсекогаш барала од своите граѓани да се држат настрана од областите на вооружените конфликти и да избегнуваат да бидат вклучени во конфликти во каква било форма и особено да се избегнува учество во воени операции на која било страна. Го повтори коментарот кој сугерира дека кинеските војници што се борат за Русија го прават тоа како нивна лична одлука.
Пекинг претходно негираше дека многу кинески граѓани се борат за Русија, велејќи дека ваквите тврдења се неосновани.
Претходно оваа недела, Зеленски рече дека неговите сили се бореле со шест кинески војници во источниот украински регион Доњецк и зеле двајца затвореници. Русија одби да го коментира случајот.
Зеленски во средата им рече на новинарите дека „кинеското прашање е сериозно“.
„Има 155 лица со презимиња, со податоци за пасош – 155 кинески државјани кои се борат против Украинците на територијата на Украина“, рече тој, додавајќи дека Русија регрутира кинески граѓани на социјалните мрежи и дека „официјален Пекинг знае за ова“.
Според Зеленски, наводните регрути добиваат обука во Москва пред да бидат испратени на бојното поле во Украина, како и документи за миграција и плаќање. Тој, исто така, на „Х“ објави видео од, како што се чини, испрашување на двајцата заробени кинески војници.
Вашингтон рече дека извештаите за Кинезите кои се борат за Русија се „вознемирувачки“.
Кина беше обвинета од САД дека ѝ помага на Русија да направи повеќе муниција, оклопни возила и проектили.
Додека Пекинг и Москва се блиски политички и економски сојузници, Кина се обиде да се прикаже како неутрална страна во конфликтот и постојано негираше дека ја снабдува Русија со воена опрема.