Украинскиот претседател Володимир Зеленски го коментираше смртоносниот руски воздушен напад врз Суми, кој го нарече „дивјачки“ напад кој намерно ги таргетирал цивилите, пренесува „Гардијан“.

Украинскиот лидер рече дека „многу луѓе се ранети“ и дека најмалку три лица се убиени. Тој рече дека нападот покажал дека Русија не е сериозна во стремежот кон мир.

Зеленски напиша на X: „Очигледно е: без глобален притисок, без решителни акции од САД, Европа и секој во светот што има моќ, Путин нема да се согласи на прекин на огнот. Не поминува ниту еден ден без Русија да ги напаѓа украинските градови и села. Секој ден ги губиме нашите луѓе од рускиот терор. Секој ден, Русија дава нови причини за построги санкции и посилна поддршка за нашата одбрана. Благодарен сум на сите низ целиот свет кои ја промовираат токму оваа агенда: санкции за агресија и убивање луѓе и помош во одбраната на животите на Украинците“.