fbpx

Зеленски: Ако падне Бахмут, Русија ќе може слободно да освои други градови

Иако Бахмут нема стратешка важност, борбите за неговата окупација од руските сили траат повеќе од шест месеци. Причината за тоа се неговите патни врски што водат кон Краматорск и Славјанск

-

Руските сили ќе имаат можност да ги освојат клучните градови во источна Украина доколку ја преземат контролата врз градот Бахмут, предупредува украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-ен-ен. Ова е причината со која Зеленски ја брани својата одлука да ги задржи украинските сили во опколениот град лоциран во Донецкиот регион.

„Разбираме дека по Бахмут тие би можеле да одат понатаму. Тие би можеле да одат во Краматорск, би можеле да стигнат до Славјанск, тоа ќе биде отворен пат за Русите по Бахмут до другите градови во Украина“, изјави Зеленски за Си-ен-ен.

Иако Бахмут нема стратешка важност, борбите за неговата окупација од руските сили траат повеќе од шест месеци. Причината за тоа се неговите патни врски што водат кон Краматорск и Славјанск, кои се два густо населени и индустриски центри во Донецкиот регион под украинска контрола.

Основачот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин објави дека руските сили го контролираат целиот источен дел од градот, источно од реката Бахмутка. Пригожин тврди дека од 12.000 до 20.000 украински војници останале да го бранат градот, пренесува Гардијан. Сепак, неговите тврдења не можат да бидат официјално потврдени.

Гардијан пишува и за податоците од западни неименувани извори, кои процениле дека Русија претрпела од 20.000 до 30.000 жртви, убиени или повредени војници, во досегашните обиди за окупација на Бахмут во изминативе шест месеци.

Руската агресија врз Украина не предизвикува единствено катастрофален број на жртви, туку сериозно влијае и на меѓународно ниво во однос на производството и дистрибуцијата на храна.

Загрижувачки податоци пристигнуваат од украинските земјоделци. Гардијан ги пренесува податоците на Денис Марчук, заменик-претседател на Аграрниот совет на Украина, најголемата земјоделска организација во земјата, кој тврди дека насадите на пченка годинава ќе бидат за 20 отсто помали во споредба со минатата година, а ќе има и намалување од 27 отсто кај ожнеаните површини.

Украинската влада очекува пролетните насади да се намалат за 5 отсто во однос на минатата година, при што помалиот пролетен род што се очекува ќе дојде во период откако оваа земја веќе очекува значително намалување на приносите од зимскиот период.

Ројтерс пишува дека негативниот тренд во посејувањето на пченка и пченица во Украина може негативно да влијае на глобалните резерви на храна, бидејќи Украина е главниот снабдувач со овие житни култури на светскиот пазар. Производството и извозот на пченица, пченка и другите житарици опадна лани поради руската агресија врз Украина, што доведе цените на клучните прехранбени производи значително да се зголемат на светските берзи во извесен временски период.

Проблем за украинските земјоделци во претстојната сезона не се само окупираните територии од Русија, туку и фактот што во некои украински региони и понатаму има неексплодирана муниција на плодните површини, кои го оневозможуваат работењето на земјоделците.

За тоа колку е важно украинското жито говори и фактот што генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш денеска е во посета на Кијив за да се сретне со претседателот Володимир Зеленски и да разговара за продолжување на Црноморската иницијатива за жито, пренесува Укринформ.

Украински извори вчера соопштија дека ги започнале онлајн преговорите со партнерите за продолжување на договорот за жито, но разговорите не биле директно водени со Русија. Украина претходно изрази надеж дека договорот ќе биде продолжен за една година, за да им се даде гаранција за стабилност на увозниците и извозниците и овој договор да се прошири со извоз и од пристаништето Миколаев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...