Фото: Tony Pham на Unsplash

Реализацијата на зеленото сценарио, од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, дефинитивно е најприфатливата опција за енергетската иднина на земјата. При тоа, замената на јагленот со гас и со други обновливи извори на енергија (ОИЕ), односно енергетската транзиција од јаглен кон ОИЕ, останува стратешки приоритет на Владата, чија имплементација ќе донесе еколошки и економски бенефиции, но и стабилност на енергетскиот систем. Во таа насока се и донесените законски решенија, како и низата планирани и проекти кои се во тек.

Ова го посочи премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес конференција со директорот на Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски и директорот на РЕК „Битола“, Златко Ќурчиевски, на која беше презентиран процесот на енергетска транзиција, од конвенционалните извори, во производство од ОИЕ.

„Во сите проекти и инвестиции во последните три години се става акцент на зелената енергија, на поголемо производство на енергија од ОИЕ и на зголемување на ефикасноста во енергетскиот систем. Во таа насока се досегашните како и планираните инвестициите во фотоволтаичните централи, замената на еден блок од РЕК „Битола“ до 2026 година со фотонапонска централа и когенеративна гасна електрана, ревитализација на вториот блок, а до 2026 година и целосна десулфуризација и декарбонизација на производството на струја. Целта е при тоа да се обезбеди и стабилност на електроенергетскиот систем“, рече заев.

Тој повтори дека е во тек втората фаза од проектот ХЕЦ „Чебрен“, за што од 10 пристигнати понуди за концесија за вода, 9 ја поминале 1 фаза, дека е тоа проект вреден 600 до 800 милиони евра кој ќе даде над 300 мегевати нова енергија во системот. Потоа дека е во тек изградбата на 62,5 мегавати фотоволтаични централи, со ЈПП, дека за РЕК „Осломеј“ тече втората фаза од тендерот за изградба на уште 2 фотоволтаични централи за дополнителни 100 мегавати, за што во март ќе се знае изведувачо, дека се во градба трите делници на гасоводната мрежа, од кои се изградени 372 километри, а до крајот на годинава се планираат да се изградат уште 274 километри гасовод, со што ќе се заокружи гасоводниот прстен ви земјава, а се планира и интерконекција со Грција, Косово и Србија за транзит на гасот.

Васко Ковачевски, директорот на ЕСМ, посочи дека државата јасно се определи за зеленото сценарио, според ЕУ стандарди, со кое ќе се намали емисијата на штетни гасови при производството на струја. Во таа насока се и инвестициите за реализација на проекти за трансфер на производството на струја од јаглен, кон сонце и гас. За тоа е пример РЕК „Осломеј“ каде е почната градбата на фотоволтаичната централа со јачина од 100 мегавати.

„Фотонапонски централи ќе се градат и во близина на речиси сите наши капацитети, како ХЕЦ „Маврово“ и „Тихвеш“, РЕК „Битола“… ќе се проширува ветерниот парк кај Богданци, а нов ќе се гради кај Миравци. РЕК „Битола“ ќе се трансформира од употреба на јаглен, во користење на ОИЕ, но тоа е процес што ќе тече во фази и паралелно, за да не се наруши стабилноста и производството на струја. Со трансформацијата на еден блок на РЕК „Битола“, во  електрана на сонце и гас, со јачина од 250 до 400 мегавати, ќе се произведува и струја и топлинска енергија за потребите на Новаци, Могила и Битола“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека производството од јаглен мора да продолжи, но за да биде почисто, до 2023 ќе се направи темелна реконструкција на филтрите на 1 и 2 блок, а до 2026 и целосна десулфуризација на Комбинатот, сѐ до целосна супституција со ОИЕ. Дел од потребните средства за таа цел, ќе се добијат и од заштедата што ќе се постигне со замената на старата, со нова механизација за ископ на јаглен, со која ќе се намалат досегашните трошоци за ископ, за околу 30 отсто.

Според директорт на РЕК „Битола“, Ќурчиевски, заштедата од користењето на сопствена, квалитетна механизација од 36 нови машини, за што денеска е потпишан договор, ќе овозможи да се насочат повеќе средства во еколошки проекти за поголема заштита на животната средина, што е приоритет на компанијата. Со трансформацијата на производството од јаглен во ОИЕ и со новата механизација, како што рече тој, нема да има и намалување на бројот на вработените и нема да се наруши стабилноста во производството на струја.