Од денеска започнува дистрибуцијата на пакетите со заштитни маски, ракавици, наочари, средства за дезинфекција и друго, кои ги обезбеди Здружението на новинарите (ЗНМ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Тие ќе донираат 150 пакети со различни средства, неопходни за физичка заштита на новинарите и медиумските работници, која ќе биде поделена на околу 100 медиуми (радија, телевизии, весници, портали) од Скопје, но и од другите градови од државата.

„Медиумските работници се на првите борбени линии, изложени на секакви опасности, а како што можеме да видиме и на опасноста да бидат заразени. Заштитени истражуваме, објавуваме и информираме. Коронавирусот е опасен, но исто толку опасна е и заразата да останеме неинформирани за тоа што се случува околу нас во оваа вонредна состојба што ја живееме“, изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која истакна новинарите и медиумските работници може да бидат изложени на вирусот при нивните патувања и средби со граѓаните.

„Ни претставува задоволство што во соработка со ЗНМ успеавме да обезбедиме заштитна опрема за новинарите додека тие трагаат по клучни информации за јавноста,“ рече тој.​