fbpx

Здружението „Лесја Украинка“ бара реакција за дезинформациите што ги негираат злосторствата во Украина

-

„Лесја Украинка“, здружението на Украинците во Северна Македонија се огласи со реакција на сè почестите дезинформации во врска со инвазијата на Русија врз Украина, како и одобрувањето на воените злосторства, односно на навредите и говорот на омраза на интернет. Здружението побара мерки за сузбивање на овие негативни појави, кои се оквалификувани како кривични дела во македонското законодавство.

„Во информациониот простор нагло се зголеми бројот на дезинформациски пројави во вид на груби, навредливи, понижувачки и провокативни коментари под интернет-публикациите, кои јавно ги негираат злосторствата против Украина, ги одобруваат или оправдуваат истите или шират невистинити информации во врска со случувањата во Украина“, порачува Здружението на Украинците во Северна Македонија „Лесја Украинка“.

Здружението предупредува и на засилената руска пропаганда, со ботови и нови веб-страници и фејсбук-профили, во обид кај неутралните читатели да се создаде извртена слика за реалната состојба.

„Општо познато е дека во Република Северна Македонија многу години функционира платена проруска пропаганда, чија што дејност резултираше со неконтролирано зголемување на бројот на бото-фарми и голем број лажни веб-страници и фејсбук-профили, има безброј примери за нивно функционирање, на вештачко зголемување на нивоата на потребните публикации со лајкувања, како и поставување бројни коментари кои целосно ја искривуваат сликата за неутралните читатели и гледачи“, стои во реакцијата.

„Лесја Украинка“ потсетува дека во земјава со член 407, став „а“ од Кривичниот законик како кривично дело се оквалификувани одобрувањето или оправдувањето на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства, како и дека Владата реши да се спротиставува на лажните вести и дезинформациите, со цел да ги заштити граѓаните. Затоа, Здружението на Украинците бара воведување мерки за сузбивање на лажните информации и говорот на омраза во врска со воената агресија на Русија врз Украина.

Истовремено, „Лесја Украинка“ потсетува и дека Јавното обвинителство и МВР најавија кривичен прогон против сите сторители на наведеното кривично дело, но и дека во јавноста има толкувања од некои правници дека во однос на војната во Украина не може да се примени Кривичниот законик затоа што нема правосилно решение од Меѓународниот суд на правдата за воено злосторство или геноцид.

„Сметаме, дека руската пропаганда и разгорувањето проруско расположение, воедно како и впечаток за постоење на големи слоеви на население кои се подлегнати на таквата пропаганда, покрај друго, ѝ нанесуваат огромна штета на Република Северна Македонија, и се насочени на дестабилизација на земјата и Балканот, на уривање на угледот на државните институции и медиумите“, велат од „Лесја Украинка“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...