Здружението „Еко логик“ организира неформални едукативни онлајн активности

Со цел времето да биде користено продуктивно, едукативно и креативно Здружението на граѓани „Еко логик“, преку проектот „Вело училишта“ започна со потикнување на родителите, децата, наставниците и едукаторите да се вклучат во спроведување на неформални активности кои може да служат како надополнување на тековната училишна програма вело-активности, еко-активности како и активности за деца со посебни потреби.

„Преку користење на онлајн алатка, односно „гугл драјв“, заинтересираните страни ќе имаат можност да ги имплементираат предлог-активностите и вежбите кои се прилагодени за домашни услови. Но истовремено, сакаме да ги потикнеме и мотивираме сите наставници, едукатори и родители во давање на свој допринос и збогатување на содржината на самата платформа преку додавање на свои едукативни активности во повеќе области,“ информираат од „Еко Логик“.

Како дел од редовните активности на „Еко логик“ и „Вело училишта“, ќе се креираат и објавуваат кративни предизвици за деца, но и за цели семејства.  Во моментов отворен е предизвик за џебна сликовница „Пренесете ја вашата визија и имагинација, време е за нова креација!“.

„Целта на овој предизивик е да го стимулираме детското ликовно и литературно творештво, преку изразување на личниот талент и споделување на идеите, размислувањата за здрава животна средина во иднина. Oчекуваме дека на овој начин ќе успееме да го разубавиме овој необичен период во кој се најдовме сите. Се надеваме дека најмалите ќе бидат мотивирани да создаваат креативни дела, развивајќи ги нивните постоечки вештини, да се едуцираат на темите животна средина и велосипедизам, преку различни активности, но и да применат едукативни игри и активности во домашни услови со своите родители,“ се додава во соопштението.