Фото: Арбнора Мемети

Здружението на лекари по општа и семејна медицина во допис до медиумите реагираше на барањето вина и одговорност од матичните лекари за големиот број хоспитализации и компликации кај пациентите среде корона кризата.

Велат дека Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство воопшто не ги послушале нивните назнаки и предлози за решавање на состојбите. Дополнително, велат тие, ставени се во позиција само да спроведуваат директиви од Комисијата во којашто нема нивни претставник.

„Би сакале да Ве информираме Вас, како и пошироката јавност, а особено нашите пациенти, дека ние како Здружение на лекари по општа и семејна медицина од почетокот на пандемијата сме конструктивни во предлагање на решенија за проблемите со кои се соочуваме. Доказ за тоа се дописите до Комисијата за заразни болести и Министерот за здравство кои се објавени на нашата веб страна, а за кои до сега не добивме ниту еден одговор. Во Комисијата за заразни болести за жал нема претставник на матичните лекари и со самото тоа ние сме ставени во позиција одговорно да ги спроведуваме одлуките и протоколите донесени од членовите на оваа комисија. Истата нема увид во обемот и тежината на работата на матичните доктори“, порача до јавноста Здружението на лекари по општа и семејна медицина.