Здружението на инженери на Република Македонија, преку соопштение до јавноста, денеска побара во буџетот за 2025 година да се предвидат средства за почеток на изградбата на реверзибилната хидроцентрала Чебрен, позната како „Проект Чебрен“.
„Во изминатите две децении, овој проект постојано се вклучуваше во изборните програми на најголемите политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ, која во својата програма за 2024 година повторно го потврди овој проект како приоритетен. Со поддршката на 400 илјади гласачи и 58 пратеници во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ има јасен мандат од граѓаните да го реализира ветувањето за Чебрен. Покрај тоа, и опозициската СДСМ, заедно со ЗНАМ, исто така го поддржуваат овој проект, што покажува широк политички консензус за неговата важност. Проектот „Чебрен“ е стратешки и од клучно значење за енергетската независност и безбедност на Република Македонија“, наведено е во писмото од Здружението.
Во него се додава дека, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW, тој е планиран да ја обезбеди потребната флексибилност и стабилност на енергетскиот систем, особено по затворањето на термоелектраните РЕК Осломеј и РЕК Битола, кое согласно „Зелената транзиција“ се очекува да се случи до 2028 година.
„Изградбата на Чебрен не е само инвестиција во инфраструктурата, туку во енергетскиот и економскиот суверенитет на Македонија, што ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе го зајакне домашниот производствен капацитет. Во текот на 2023 година, нашето Здружение водеше успешна кампања против доделувањето на концесијата за Чебрен на странски компании, спротивставувајќи се на предлогот да биде доделена на грчкиот конзорциум PUBLIC POWER CORPORATION. Ние инсистираме на тоа дека овој капитален проект треба да се изгради и управува од страна на Македонија, што ќе гарантира долгорочни економски и социјални придобивки за нашите граѓани. Затоа ги повикуваме Владата и Министерството за енергетика да ја преземат иницијативата и да ги вклучат потребните финансиски средства за проектот „Чебрен“ во буџетот за 2025 година“, наведено е во соопштението.