„Здружение ЛГБТИ Јунајтед“ – Колку и да сме различни меѓу себе, тука сите сме еднакви

Фото: Diaga Ellaby, Unsplash

Моменталната ситуација во однос на положбата во која се наоѓаат ЛГБТИ лицата во Македонија е малку подобрена споредено претходните години. Последното истражување на Европската агенција за основни права покажува дека во изминативе 12 месеци од 2021 година дури 49 отсто од лицата се соочуваат со дискриминација во осум сфери од македонското општество, а 41 отсто биле вознемирени или физички нападнати само поради тоа што се декларираат како ЛГБТИ. Во 2019 година беше донесен новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, но ЛГБТИ лицата сè уште наоѓаат потешкотии да бидат нормално прифатени во општеството. Мета.мк разговараше со Беким Асани од Здружението ЛГБТИ Јунајтед и Центарот на ЛГБТИ Заедницата во Тетово за безбедноста, соочувањето со проблемите и начинот на кој работи Центарот.

Мета: Вие сте еден од основачите на ЛГБТИ центарот во Тетово. Кога е формиран, каде се наоѓа и на кој начин функционира?

Беким Асани: Здружението постои веќе 10 години, односно формирано е 2012 година. Претставува организација која е прва од ваков вид надвор од Скопје. Функционира како дневен центар за дружење и социјализација, а има и тековни активности кои се реализираат континуирано. Седиштето е во центарот на градот, но е достапно само за припадниците и поддржувачите на заедницата поради безбедносни причини.

Мета: Ова е храбра иницијатива поведена од ваша страна уште пред неколку години. Од каде потекнува и дали наидовте на поддршка од некоја институција или друга организација при формирањето?

Фото: ЛГБТИ Јунајтед

Беким Асани: Бунтовност, желбата да се смени нешто, да не остане табу тема. Кога не би постоело ниту ова, би немало некое безбедно катче за припадниците на заедницата. Генерално, сме сами и од секогаш сме биле. Подоцна почнавме да добиваме поддршка од донатори, амбасади, а во последниве години и министерствата и општината на градот во неколку наврати.

 

Мета: Дали во Тетово чувствувате безбедност во градот, дали Центарот е безбеден?

Беким Асани: Досега, во овие девет години седиштето, односно канцеларијата никогаш не биле нападнати. Внатре никој не дошол да нѐ нападне ниту вербално ниту физички. Не можеме да се пожалиме ниту од полицијата која досега ја врши својата работа и како организација одговара на нашите барања за заштита. За жал во последниов период се случи немил настан и кон крајот на октомври се случи првиот напад врз центарот. Нападот се случил во текот на ноќта кога некој се обидел да провали внатре. На вратата имаше испишано и пораки со навредлива содржина.

Мета: Какви настани најчесто се организираат и на кој начин работи дневниот центар?

Беким Асани: Настани од секаков тип. Во последнава програма имавме планирано некои мали забави, прајд марш, драгшоу. Покрај тоа на редовно ниво имаме филмски проекции, изложби, вечери кога готвиме заедно, организираме седенки и дружби настани кои потпомагаат во градење на поддржувачко општество и овозможуваат средина на прифатеност, која е најпотребна. За периодот после Нова Година имавме во план соработка со институциите за градење на капацитетот на заедницата во Тетово, но и во другите помали градови надвор од главниот град. Во моментов, сето тоа го правиме онлајн, сите од дома. Канцеларијата е затворена од 31 октомври годината пред оваа и од тогаш поради загрозената безбедност сме принудени да работиме од дома.

Фото: ЛГБТИ Јунајтед

Мета: Кој е најголемиот проблем за ЛГБТИ лицата во Македонија?

Беким Асани: Постои голем страв меѓу луѓето. Страв да се откријат и страв да не бидат откриени. Поради тоа нашата организација нема воведено членство и не работи по тој принцип. Не сите луѓе се подготвени да покажат јавно кои се, на некои им треба одредено време, а некои луѓе засекогаш ќе живеат во страв. Нашата цел е да им покажеме дека постои една посигурна средина, каде тие ќе можат да бидат свои, затоа што ова е центар каде различностите не се важни, тие се негувани.

Мета: Соочувајќи се со дискриминацијата и стравот на другите луѓе, на кој начин Центарот им пристапува на лицата кои сè уште се плашат да го направат првиот чекор?

Беким Асани: Како Центар имаме фејсбук профил, телефонски број. Го шириме гласот и едни со други, од пријател на пријател. Во нашиот центар постои слога и разбирање и почит, дискриминацијата постои само надвор, тука колку и да сме различни меѓу себе, ние сме еднакви.

Фото: ЛГБТИ Јунајтед

Мета: Последна одлука што ја донесе Обвинителството за случајот кога пред шест години Центарот во Скопје беше нападнат не беше во полза на жртвите. Дали сте сведок на некоја слична ситуација?

Беким Асани: За жал така беше. Но, не можам да кажам дека така е секогаш. Јас имам неколку случаи кога сум бил нападнат во Тетово и полицијата успеа да ги расчисти сите. Сведочам за случаи што ги имам простено. Не мислам дека некој млад човек затоа што размислува на одреден начин треба да оди во затвор. Наместо тоа би предложил 3 месечна работа во Центарот, волонтерство, начин на кој човекот би се запознал со нас. Сепак, стојам зад тоа дека никој не треба да се заканува никому. Некогаш сме напаѓани на места каде полицијата не може да пристигне на време или напаѓачите умеат брзо да побегнат. Вистинскиот проблем лежи во луѓето кои имаат потреба да нападнат некого само затоа што се разликува од нив.

Мета: Дали постои безбедност на социјално ниво, во социјалниот живот? 

Беким Асани: Ух, не знам има секакви средини. Има кафичи и барови каде луѓето се почитуваат едни со други, но има и места каде може да постои закана и опасност од напад. Сето тоа зависи од луѓето кои работат внатре.

Фото: ЛГБТИ Јунајтед

Земено во Тетово, имаме само две места каде може слободно да се седне, во Скопје можеби нема ни две, а во другите градови ниедно. Во главно имаме голем дефицит на места каде ЛГБТИ лица може да излегуваат и да се чувствуваат прифатено. За разлика од соседните држави, кај нас моменталната ситуација е сè уште ранлива, имаме поделени кафулиња на национална и верска основа и многу потешко е да излеземе некаде и без прикривање на тоа кои сме.

Мета: Колку сте задоволни од напредокот на организацијата? 

Беким Асани: Пред 10 години, кога започнав со сето ова, некој да ми кажеше дека денес ќе имаме канцеларија и дека работите ќе бидат какви што се, немаше да му верувам. Но, она што недостасува е нова, помлада генерација која ќе го преземе „кормилото“. Денес, кога имаме заштита од полицијата, нападите од средината можеме да ги надминеме само заедно, со заеднички сили. Младите не треба да се плашат повеќе, затоа што и ова што го имаме е кршливо и доколку не се бориме за истото ќе го снема. Порачувам до сите кои немаат доволно храброст: престанете да живеете во страв!.

„ЛГБТИ Јунајтед“ често е организатор на добротворни и хумани акции преку кои луѓето имаат можност да донираат храна, облека и други неопходни работи за други луѓе на кои им е потребно. Нивната работа особено се зголемила откако започна кризата што ја предизвика пандемијата, па од Здружението велат дека прават сè што можат да помогнат на сите на кои им треба.