Македонското здравство има недостаток од најмалку 1.000 лекари вели министерот за здравство и вицепремиер Арбен Таравари во разговор за Гласот на Америка на македонски. Тој најавува вработување на 600 приватни специјализанти, како и вработување за 1.200 здравствени работници ангажирани со договор на дело

„Минимум 1.000 лекари ѝ се потребни на Македонија итно и неодложно, барем до крајот на наредната година“, вели Таравари. Тој нагласува дека за надминување на оваа состојба било донесенo и владино решение за вработување на 600 приватни специјализанти. Триста од нив дo крајот на оваа година, и уште триста наредната година.

Според него, тие сепак „се потенцијални кандидати да избегаат од државата“. Тој, како што вели, се надева дека идната година освен 300 специјализанти, здравството ќе вработи околу 300-400 доктори, со што ќе има некаква одржливост на болниците особено во внатрешноста на државата.

Таравари очекува до крајот на годината да се реши статусот и на уште 1200 други здравствени работници, од кои некои и по 10 години години работат со договор на дело. Со тоа вели дека ќе се направи голема работа за здравствениот систем.

На годишно ниво, според лекарската фела си заминуваат околу 250 лекари, но и друг медицински персонал.