Откако е прогласена епидемијата во Гостивар на 19 јули, досега, здравствените власти евидентирале 1.149 заболени лица од ентероколит, односно стомачен вирус. Иако здравствените експерти предупредуваа дека бројките на заразени се 4-5 илјади (голем број од нив не се јавиле на лекар), од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за Мета објаснуваат дека бројката од 1.149 се базира само на пријавите кои ги прават лекарите што дијагностицираат и ги доставуваат до нив.
„Лекарот кога при преглед дијагностицира заразно заболување е должен да пополни пријава. Нашите анализи секогаш биле, се и ќе бидат правени само на официјални податоци од пријави на заразна болест, така е според закон. Во текот на јули до нас се доставени 497 пријави за ентероколит од Гостивар и дополнителен број во август кој ќе бидат дел од августовскиот билтен. До денес, до ИЈЗ се пристигнати 1.149 пријави од Гостивар“, појаснува епидемиологот Драган Кочински од ИЈЗ.
Во меѓувреме ИЈЗ го објави билтенот за движењето на акутни заразни заболувања, во кој има информации за епидемии низ државата за месец јули. Во врска со епидемијата во Гостивар, е наведено дека Центарот за јавно здравје – Тетово/подрачна единица Гостивар, пишува дека е епидемија на гастроентеритис.
„Епидемијата е пријавена на 19 јули со сомнение за хидрична епидемија и пријавени 140 заболени и 9 хоспитализирани лица. Таа е сè уште во тек“, пишува во билтенот.
На 17 јули, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече забрана за користење на водата во гостиварскиот водовод, откако инспекторите заедно со полицијата и претставници на Министерството за животна средина утврдиле дека во главниот цевковот нелегално е поставена пумпа која дирекнто вбризгува вода од реката Вардар. Два дена потоа, микробиологот Никола Пановски кажа дека во Гостивар треба да се прогласи епидемија на гастроентеритис, со оглед на тоа дека има 1.500 регистрирани случаи со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Потоа здравствените власти прогласија епидемија.
Жители на Гостивар со кои поразговара Мета, беа лути и разочарани поради оваа состојба со водата бидејќи е предизвикана од човечки фактор. Кажаа дека не им веруваат на институциите и дека не би ја пиеле водата дури ни кога би било соопштено дека е безбедна за пиење.
Два дена по репортажата на Мета, на 14 август, во Гостивар вода од градска чешма пиеја серија локални и државни функционери. Меѓу нив и Зуди Џелили, координаторот на локалниот кризен штаб и вработен во Општина Гостивар, директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство и Шаќир Зулбеари, директор на Центарот за јавно здравје Гостивар. Според нив, испитувањата покажале дека водата во Гостивар е безбедна за пиење, односно добиените резултати потврдиле дека водата е миркобилошки и бактериолошки исправна.
