Здравствените програми е потребно да бидат засновани на докази, чии резултати ќе можат да се мерат и следат, со што значително ќе се подобри отчетноста и ефикасноста на јавните здравствени политики и ќе се создава инклузивен и праведен здравствен систем кој ќе овозможи здравствена заштита и за ранливите групи на граѓани и унапредување на здравствените права. Граѓанскиот сектор може да биде значаен партнер на јавните институции со меѓусебна интензивна соработка во креирањето и спроведувањето на политиките, преку транспарентност и отчетност.
Ова беа меѓу клучните пораки од динамичната дискусија на денешната национална конференција „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“ која се одржа во Скопје.
Конференцијата е во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската влада преку програмата ЦИВИКА Мобилитас, а партнерски го спроведуваат здруженијата –ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.
„Целта на проектот е унапредување на здравствените права, преку унапредување на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија, како и унапредување на процесот на консултација со граѓанскиот сектор, а особено со засегнатите целни групи при планирањето и подготовката на превентивните програми“, информираат во ХЕРА.
Александар Кржаловски, националиот тим лидер на програмата Цивика Мобилитас и Директор на МЦМС, ја истакна важноста од поддршката на граѓанскиот сектор затоа што граѓанските организации со својата експертиза и теренска работа можат да придонесат во работата со различните групи на граѓани, а посебно кога станува збор за ранливите групи.
„Преку оваа програма се придонесува за унапредување на демократското владеење и отчетноста, транспарентноста, ефикасноста и учеството во областа на здравството, а преку програмата на Цивика Мобилитас се дава поддршка на спектар на организации кои работат во повеќе области и може да бидат кредибилен партнер на институциите при креирањето на политиките“, рече тој.
Румена Ѓердовска-Којчески, претседателката на ХЕРА потсети дека здравјето на човекот е едно од основните човекови права, кое е неопходно за исполнување и на останатите човекови права, а прашањата како да се подобрат здравствените услуги и како да се направат достапни и пристапни за сите луѓе, земајќи ја предвид родовата перспектива, е прашање кое треба да биде ставено во фокусот на дискусиите за здравствените политики.
Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) изјави дека е потребна поголема транспарентност и отчетност за спроведувањето и трошењето на буџетските средства за превентивните програми. Тој истакна дека некои од програмите не овозможуваат доволен опфат на населението, при што ранливите групи на граѓани се најмалку опфатени со мерките за заштита од владините програми.
Скринингот за рак на грлото на матката како компонента од Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, обезбедува буџетски средства за опфат на само 15% од жените со скрининг, иако успешен скрининг е доколку се постигне опфат на 75% од жените. Состојбата е уште понеповолна меѓу жените Ромки, бидејќи само 8% се опфатени со скрининг за рак на грло на матка во изминатата година.
Александра Ристовска-Евтимова, помошник раководителка на Секторот за финансиски прашања од Министерството за здравство ја истакна важноста на здравствените политики достапни за сите, како и значајната улога на граѓанските организации во овој процес.