Министерството за здравство денеска информираше дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го испита случајот со родилката, која откако и бил направен царски рез се парализирала и не може да оди. Од Министерството велат дека Инспекторатот ќе направи винреден надзор во три здравствени установи, во Општата болница во Струмица, Клиничката болница  во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што била третирана родилката.

„Во наредните денови се очекува ДСЗИ да ги комплетира надзорите и да ја прибере целокупната медицинска документација од трите здравствени установи. Врз основа на целосно утврдената фактичка состојба, ќе следат заклучоците од стручниот надзор, и доколку е потребно, понатамошни дејствија, велат од МЗ.

Од Министерството побараа јавноста да се воздржи од изнесување лични и медицински податоци за родилката и да се заштити нејзиното право на приватност, како и за коректност и заштита на достоинството на здравствените работници кои се вклучени во случајот. Од институцијата велат дека нивната евентуална одговорност ќе биде утврдена единствено врз основа на резултатите од надзорот.

„Ја повикуваме јавноста на воздржаност додека траат постапките и апелираме да не се изнесуваат предвремени заклучоци, шпекулации или лични податоци што би можеле дополнително да ги вознемират пациентката и нејзиното семејство. По завршувањето на надзорите и разгледувањето на сите наоди, Министерството навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за натамошните чекори“, велат од МЗ.