Здравко Савески, член на партијата Левица, утрово бил повикан на информативен разговор, а потоа и приведен во полициската станица Пролет, поради учество во протестите против аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, пишуваат од партијата на својот фејсбук-профил. Како што стои во информацијата од Левица, Савески „ќе биде одведен пред јавен обвинител и судија на претходна постапка, со барање за определување мерка притвор“.

Од Левица велат дека на уште тројца членови од највисоките раководни органи на партијата им стигнале покани за информативни разговори, а причина се, како што велат, масовните протести на граѓанската иницијатива „Притестирам“, во кои учестува и Левица.

„Настаните за кои тие се товарат се поврзани со масовните протести кои ги иницираше движењето ‪„‎Протестирам“‬, кои се развија во т.н. „Шарена револуција“, кои почнаа по срамната и противправна аболиција од претседателот на РМ. Нашите членови беа и ќе бидат во првите редови на протестите. За нас, ова е очајнички обид на криминалната власт да се пресмета со нашата партија, по минатонеделните вакви најави од одредени приврзаници на режимот и обид преку ширење страв да се задушат антирежимските протести“, стои во информацијата на фејсбук-профилот на Левица.

Од партијата за денеска во 13 часот е закажана прес-конференција пред Кривичниот суд во Скопје, на која ќе се обратат претставници на президиумот на Левица.