Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов поради тоа што, како што велат, издал дозвола за работа на леарница за алуминиум која наводно лажно е класифицирана како лесна индустрија.
Според еколошката иницијативе, постојат индиции за 11 кривични дела, меѓу кои и злоупотреба на службената положба, фалсификување службена исправа, компјутерски фалсификат, злосторничко здружување, перење пари и други. Тие велат дека не станува збор за лесна, туку тешка индустрија со која се загрозува изворската вода за Ново Село, реката Струмица и животната средина во близина на селото Самуилово.
Пријавата се однесува и на прикривање информации од јавен интерес, потоа репресија врз вработени, советници и активисти – преку мобинг, преместувања, тужби и инспекциски контроли.
Како што информираат од „Здрава Котлина“, тие се сомневаат дека сопственик на леарницата е близок роднина на градоначалникот а предупредуваат и дека бил оневозможен увид на јавни документи и биле укинати преносите од општинските седници.
„Пријавата, составена на 125 страници и поткрепена со обемна документација и технички докази, се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и негови соработници. Таа е резултат и на растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјални мрежи. Ниту еден избран функционер не е над законот“, велат од „Здрава Котлина“.
Екологистите апелираат до граѓаните на општината да не молчат доколку имаат сознанија, сведоштва или документи поврзани со злоупотреби, корупција или притисоци туку да ги пријават до надлежните институции или до здруженијата кои се борат за јавниот интерес.