Последните најави на здравствените власти за формирање комисија која ќе одредува кој, каде и кога ќе се оперира, се сериозен чекор назад во заштитата на правата на пациентите, реагираат денеска преку соопштение од Здружението на пациенти „Здрава иднина“. Според нив, ваквиот пристап е спротивен на духот и одредбите на Европската повелба за правата на пациентите, особено на правото на пристап, правото на информираност, правото на согласност, правото на слободен избор, правото на почитување на времето на пациентот, правото на квалитетна и сигурна здравствена услуга и правото на персонализиран третман.
Здружението постои 16 години и има неколку стотици членови, меѓу кои најбројни се кардиоваскуларни пациенти и членови на нивни семејства.
„Овие права не смеат да бидат ограничени со административни одлуки донесени зад затворени врати. Ваква комисија нема да функционира, затоа што ќе создаде дополнителна административна бариера во ситуации кога е потребна брза медицинска одлука, ќе го ограничи правото на пациентот да избере лекар, клиника и установа во која има доверба, ќе ја намали одговорноста на конкретниот лекарски тим и ќе ја префрли одлуката на тело кое не ја носи директната клиничка одговорност“, наведено е во реакцијата.
Мета поразговара со Зоран Митев, член во ова здружение, кој смета дека ваква комисија не треба да има ниту за итните ниту за неитните случаи.
„Порано постоеше слична комсија и таа беше подложна на коруптивни одлуки. Ваква комисија повеќе се воведува за да тие кажуваат кој е за операција, а кој не. Пациентот мора да има право на второ мислење. Тоа треба да е протокол, како што е тоа протокол во Грција на пример. Таква комисија не треба да има ниту за ургентните ниту за неургентните случаи“, смета Митев кој додава дека претставниции на здружението побарале прием за ова во Министерството за здравство, но средба сè уште немало.
Минатата недела, министерот Азир Алиу соопшти дека преку интерна комисија, како и уште една меѓународна комисија составена од доктори кардиолози, откриле дека кај 9 од 13 пациенти непотребно биле направени операции и интервенции на срце. Тој кажа и дека направена била анализа на кардиолошките интервенции кои биле предмет на стручна проверка за тоа дали одлуките за нивното здравје се носеле врз основа на медицинската потреба. Формирана била интерна комисија од врвни експерти, составена од 9 доктори и правници и економисти, претставници на министерството и фондот за здравствено осигурување.
„Комисијата одржа 16 работни состаноци и темелно разгледа 20 случаи, кај 13 беа утврдени сомнежи за непотребно извршени операции. Потоа беше формирана и меѓународна комисија од доктори од Италија, и од Словенија. Тие наоди се поклопуваат со наодите на домашната комисија. Од 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно упатени на операција, кај 4 странците констатираа дека обезбедениот третман бил медицински соодветен. Кај деветте пациенти документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностиката, несогласување на ангиографски наоди и писмениот извештај. Во однос на овие случаи, странците рекле дека одредени аспекти биле под очекуваните стандарди и неповолно влијаеле врз клиничкиот исход. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции реализирани во јавни и приватни установи, Клиника за кардиологија, Државната кардиохирургија, Клиничка болница Штип, 8 Септември, Жан Митрев и Систина“, соопшти Алиу.
Тој најави и дека ќе има и национална листа на кардиохируршки операции, за да имаат увид во елективните интервенции и редоследот на упатувањата.
„Итните случаи ќе бидат приоритет и кај нив нема да има административно одложување. Кој, кога и врз основа на што е упатен пациентот на интервенција“, кажа министерот.
