Викендов ќе се одржи завршницата на големиот гејминг настан „MESA Spring Fest“, соопштија од Македонската Еспорт Асоцијација (МЕСА). По финализирањето на онлајн фазата која се одвиваше од 17 до 23 март, настанот преминува во завршница со физичко присуство.
Тимовите кои се изборија за позиција во онлајн делот, во петок со почеток во 15:00 часот, како и во сабота и недела во 11:00 часот ќе се натпреваруваат во двете популарни видео игри „Counter Strike: Global Offensive“ и „League of Legends“ во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ.
„По подолга пауза предизвикана од Ковид-19 пандемијата, гејминг настаните почнуваат делумно да се нормализираат со цел натпреварувањата да се одвиваат со физичко присуство. „MESA Spring Fest“ е организиран согласно протоколите за превенција на Ковид-19“, велат од МЕСА.
Покрај можноста за гледање на овие натпревари во живо, борбите помеѓу играчите ќе се пренесуваат и на најголемата интернет платформа за стриминг – „Twitch“ на овој линк.
