Заврши уште една предизвикувачка учебна година

Фото: Antoine Dautry on Unsplash

Прва учебна година со учење според нова Концепција за образование, прва учебна година без печатен дневник за оценување, прекин на наставата поради штрајкот на просветниците за повисоки плати, учење од дома, нереализирани часови, учење по две-три лекции во еден час, за првпат воведено државно тестирање, учество во ПИСА меѓународното тестирање и eлектронски упис на ученици во средното образование.

Ова се само дел од нештата кои ја одбележаа изминатава предизвикувачка учебна година. Училишните психолози предупредија професорите да покажат разбирање кога ќе ги оценуваат учениците, со оглед на тоа дека, не по нивна вина, излегоа од колосек додека отсуствуваа од настава поради неколкунеделниот штрајк во образованието.

Изминатава учебна година, наставниците и професорите за прв пат впишуваа оценки  и водеа педагошка евиденција само во електронскиот дневник, бидејќи пишаниот е исфрлен од употреба. Ова се случи на барање на просветниците кои реагираа дека имаат двојна работа и дека внесувањето на податоци и во пишан и во е-дневник им одзема многу време. Сепак, има професори кои реагираат што не е надграден или поправен е-дневникот, па повторно се појавуваат проблеми со преоптовареност на системот, која е изразена токму во овој период од годината, кога безмалку 20.000 наставници внесуваат крајни оценки. Оценките мора да се внесат во е-дневникот, а потоа наставниците мора и да ги напишат свидетелствата за деветтоодделенците, кои на 14 и на 15 јуни треба да се запишуваат во средно образование. За првпат, аплицирањето годинава ќе биде електонски, а потоа ќе треба и да ги однесат документите на увид.

Психолозите и професорите кои неодамна ги контактираше Мета, нагласија дека во овој период од годината, кога се вреднува постигнувањето на учениците и се формираат годишни оцени по предметите, треба да се имаат предвид сите случувања на кои беа изложени самите ученици, нивните родители, но и професорите.

„При формирањето на годишни оцени не смееме да заборавиме дека изминатата учебна година учениците ја следеа од далечина, а годината пред тоа (од март па до завршувањето на истата), најголем дел воопшто немаа никаква настава. Оваа година имаме исто така голем број на нереализирани часови. Овој факт влијае врз самата психичка состојба на учениците и треба навистина голема умешност и претпазливост во барањата кои ги поставуваме пред нив“, рече професорката по психологија Николина Иваноска Котевска.

По повод крајот на учебната година денеска се огласи и министерот Јетон Шаќири кој кажа дека ова е година полна со предизвици.

„Успеавме да победиме при најтешкото соочување, пандемијата, која овој пат не дозволивме да го забави воспитно – образовниот процес и правилниот развој на генерациите. Напротив, дури и во вонредни околности со забрзано темпо го продолживме реформирањето на образовниот систем, а за тоа искрено сум благодарен на мотивираноста на наставниците, но и на желбата на учениците за подобро утре“, наведено е во соопштението од МОН, во кое се обраќа министерот.

Тој кажа дека МОН продолжува со изработка на нови наставни програми и учебници.

„Го забрзавме процесот на дигитализацијата и тоа и натаму ќе биде еден од нашите врвни приоритети. Се мобилизиравме и успеавме да го организираме полагањето на државната матура. Го започнавме првото државно тестирање чија цел е преку резултатите од учењето да ги увидиме слабостите на образовниот систем на кои во иднина ќе се посветиме. Учествувавме во меѓународното ПИСА тестирање за да увидиме дали и колкав јаз постои во знаењата на нашите ученици и нивните врсници од други земји, а спроведовме и пробно ТИМСС тестирање“, стои во соопштението на МОН.

 

 

Пишува: Антонија Поповска