Заврши пријавувањето за субвенциониран оброк, рокот за аплицирање за студентски стипендии истекува денес

Фото: Sergey Zolkin on Unsplash

Во сабота, на 3 декември заврши рокот за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, кој започна од 25 ноември, информираше денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Од МОН велат дека апликациите ќе бидат разгледани од страна на посебна комисија формирана за оваа намена, откако ќе пристигнат податоците за апликантите кои се бараа согласно повикот, а кои ги обезбедуваат Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи (УЈП) и студентските служби на факултетите.

Повикот за субвенциониран оброк се однесуваше на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија, не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

Студентите ќе добиваат по 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, во текот на девет месеци во годината.

Инаку, денеска истекува рокот и за аплицирање за студентски стипендии, кој беше активен од 18 ноември. Студентите можат да аплицираат за една од стипендиите во четирите предвидени групи.