Заврши Модниот викенд за есен/зима 2021, сите колекции беа од рециклирани материјали

Фото: Мета.мк

Втори и трети октомври оваа година беа посветени на модата одбележувајќи го 24-то издание на Моден викенд, кој главно се одржа во Битола. Просториите на клубот „Јагода“ изминатите два дена беа исполнети со модни парчиња на македонски дизјанери кои креираат во областа на одржливата мода. Вкупно беа изложени седум колекции, сите направени со материјали што се претходно искористени и рециклирани или такви што во својот состав содржат природни структури на чист памук или волна.

„Сите модели се изработени од поплин и индиско платно кои како материјали се лесно достапни, а сепак природни и удобни за кожата. Концептот на парчето се состои од повеќе наменска функција која овозможува да се носи истото во различна средина или пригода“, вели за Мета младата дизајнерка Катерина Димитровска која е основач на брендот ‘Luna Aditeya’.

EUNOIA од Luna Aditeya со визит картички од рециклирана хартија | Фото Мета.мк

Колекцијата што оваа сезона го носеше логото на македонскиот бренд ‘KTN’ зад кој стои креативката Ангелина Китановска е наречена „Lulu“. Истата, како што сподели Ангелина е инспирирана од Париз.

„Сакав да го претставам шармот на една парижанка, нејзината елеганција и грациозност. На еден поинаков начин со приказ на модерните парижанки кои се храбри, смели и спремни за експериметирање со доза на умешност во сето тоа. Гледам како тие се бунтовни во модата и поради тоа го поврзувам панкот со Париз во колекцијата каде истовремено додавам елеганција и грациозност. Материјалите се набавени од таму бидејќи таму започнав со дизајнирање“, вели Китановска.

Нејзината колекција е изработена од Mарко Mиоти сатен, твид, вештачко крзно, плиш и чоја.

Овој начин на пренесување на нови модни трендови кај нас е сосем поинаков од претходно и е прилагоден на ситуацијата со пандемијата, но случувањето за прв пат е надвор од главниот град. Според дел од управниот тим на движењето „Модна револуција“ (Fashion revolution), заинтересираноста исполнила задоволителна бројка на посетители.

KTN | Фото Мета.мк

„За пофалба е што не се случува сѐ во Скопје. Задоволни сме од посетеноста, всушност за нашиот настан на темата за одржлива мода сме презадовлни бидејќи се разви спонтана дискусија која кажува дека луѓето веќе нѐ следат и знаат за она што го правиме. Работиме и на понатамошни активности, иницијативи и настани што е голем знак дека сме веќе доволно зрели да се движиме во насока на одржливата модна индустрија“, изјави Ана Јакимовска, координаторка на организацијата во земјава.

Александра Спасеска, која е дел од тимот на Модна револуција смета дека децентрализацијата на настани од типот на Моден викенд е навистина важна.

„Битола важи за град на модата и културата во нашите рамки. Не само што има капацитет за ова туку има и модно освестена публика која знае како да постави издржани и добро формулирани прашања. Целта е сите заедно да работиме на ова и да го свртиме сето ова кон обновлива мода со практиките кои докажано функционираат.“, додаде Спасеска.

Онлајн „Шоурумот“ на ‘NoWaste’ проектот претстави и модни додатоци како накит и неколку видови на капи креирани од Маја Стојковска и Мирјана Јосифовска.

Мирјана Јосифовска стои зад истоимениот бренд и претходно има претставувано колекции и прачиња изработени од рециклирани материјали како што е колекцијата „Memory of a town“. „The Seven“ е нејзината најнова колекција на капи која одликува седум различни жени од општеството.

„Материјалите кои ги користев при шиење на „седумте“ се остатоци од текстилни фабрики кои ги пронајдов во Штип и остатокот е волна. Главната инспирација ми се фотографии на седум впечатливи жени што ги има фотографирано Хелмут Њутон и секој модел го носи името на една од нив. Се комбинираат со диктирање на различни стилови во зависност од желбата на оној кој го носи моделот бидејќи се направени така што може да се извади мрежата или панделката и капата да добие сосем друг облик“, сподели Мирјана.

Останатите премиерно прикажани колекции беа на дизајнерските имиња: Son of Salome –„THE CEREBRUM“, Stefanija Naseska –„ANIMA“ и колекцијата на Роберт Ивановски.