Заврши четвртото издание на Beach Film Festival, доделени филмските награди

Фото: Beach Film Festival

Заврши четвртото издание на Beach Film Festival кој годинава се одржа на плажата Горица 3 на Охридското Езеро, но и уште на две локации во Охрид: бродот Армада и Музејско-културниот центар Лапидариум, каде што имаше проекции на кратки студентски филмови.

Фестивалот траеше 5 дена, од 21 до 25 јули, и во неговата програма посетителите имаа можност да видат низа долгометражни и краткометражни европски филмови.

Жирито на годинашниот фестивал, во состав на Ана Василевска (филмски теоретичар), Елеонора Венинова (режисерка, сценаристка) и Сергеј Трифуновиќ (актер) на затварањето на фестивалот ги доделија следните награди: Наградата „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм ја доби филмот „Moon, 66 Questions“ на режисерката Жаклин Ленцу, наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм ја доби филмот “Pipo &Blind Love”, наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување ја доби Софиа Кокали (Moon, 66 Questions), а Специјалното признаниа за најдобар студентски краток филм го доби филмот „Дудук“.

Покрај официјалната селекција на филмови од категориите долгометражни, краткометражни и студентски краткометражни филмови, на програмата се најдоа и специјални проекции на документарни, анимирани и долгометражни филмови. Оваа година, како и сите претходни фестивалски изданија, се затвори со македонски филм. Тоа беше филмот „Homo“ на режисерот Игор Иванов – Изи.

Посетителите исто така можеа да разговараат со со дел од гостите на овој фестивал. Во склоп на фестивалот се одржаа и две дводвневни работилници: една за филмска шминка под менторство на Ирена Сенокозлиоска и работилница за филмска критика предводена од Ана Василевска.