Охрид до крајот на 2020 година треба конечно да добие затворен пливачки базен. Владата на последната седница ја разгледа и усвои информацијата за динамиката на реализација и плаќање на обврските за изградба на спортскиот објект во општина Охрид и ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да предвиди затворениот пливачки базен да биде изграден заклучно со 31 декември 2020 година.

Од Агенцијата за млади и спорт, кои се инвеститори на изградбата на базенот во вредност од околу 5 милиони евра, велат дека течат градежни работи на затворениот базен и во моментов се поставуваат монтажни елементи од армиран бетон за трибините за публиката со околу 500 седишта.

– Завршени се од армиран бетон столбовите, ѕидовите и скалите со кота 6,6 метри плус кота на висината од 9,9 метри – информира за тековните активности на градбата, Тане Димоски портпарол на Агенцијата за млади и спорт.

Базенот првично требаше да биде завршен во април 2018 година, но со анекс договор помеѓу инвеститорот и изведувачот, а на барање на изведувачот, изградбата на објектот е пролонгирана.

Покрај ватерополо базен, во објектот ќе има и помал базен. Планирани се и други содржини, како што се простории за канцеларии за персоналот и тренерите, угостителски објект, соблекувални, туш кабини, продавница за спортска опрема, игротека и други содржини според светски стандарди, информираат од Агенцијата за млади и спорт.