Фото: Liza Pooor on Unsplash

Опозицискиот лидер Алексеј Навални со симптоми на респираторна болест е префрлен од затвор во болничко одделение, каде бил тестиран за корона вирус, објави рускиот весник Известија, пренесува агенцијата Ројтерс. Ваквиот развој на настаните доаѓа откако критичарот на рускиот претседател Владимир Путин минатата недела започна штрајк со глад и го обвини затворскиот персонал за одбивање да му дадат соодветно лекување против акутните болки во грбот и нозете.

Навални претходно тврдеше дека има епидемија на туберколоза во затворскиот оддел во којшто е сместен. Тој напиша дека три лица веќе биле хоспитализирани со здобиена туберкола. Во моментов, Навални има висока температура и кашлица, јавува Би-би-си.

Навални напиша на Инстаграм дека доколку има фатено туберколоза, тогаш тоа можеби ќе ги истера неговите болки во грбот и вкочанетоста на нозете. Покрај тоа што се жали на лоша кашлица, тој ја информираше јавноста дека здравствените власти му измериле температура од 38,1 степени.

За затворскиот третман на опозицискиот лидер во Русија реагираа од Амнести Интернешнл, а генералниот секретар на оваа организација директно му се обрати на Путин за арбитрарното апсење на Навални и влошената здравствена состојба.

Опозицискиот лидер од затворската ќелија и претходно се жалеше на лошиот третман што го добива од затворските власти. Навални нив ги обвини дека го лишуваат правото на сон, будејќи го секој час во ноќта и одбивајќи да му пружат соодветна медицинска нега. Руските државни власти ги негираа во повеќе наврати ваквите обвинувања на Навални.