Бомби, протести, апсења, полициска акција во Куманово, оставки, митинзи, поставување кампови, лидерски средби, преговори во Брисел… Изминавите неколку недели беа полни со политички случувања.

Сè се случуваше со огромна брзина и наеднаш запре и замре.

Опозицискиот СДСМ ги стави на пауза „бомбите“.

Граѓанското движење „Протестирам“ веќе неколку дена не одржува протести, туку состаноци на Школка во Градки парк.

Преговорите во Брисел меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе некое време се замрзнати.

Две клучни институции за безбедноста на државата веќе десет дена се без прв човек – без директори останаа Биро за јавна безбедност и Управа за безбедност и контраразузнавање.

Премиерот Груевски на митингот на плоштадот Пела рече дека атмосферата и психолошката состојба веќе почна да ѝ прави проблем на Македонија, особено во делот на нарачките и кај странските инвеститори.

Стопанските комори вчера предупредија дека доколку продолжи ваквата атмосфера, на земјата ѝ се заканува банкрот.

За вторник, 26 мај, е закажана нова лидерска средба во Клубот на пратениците.

За нови разговори во Стразбур или Брисел нема најави.